Претседателот на Хрватска утре ќе побара вонредна седница на парламентот

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ утре ќе испрати барање за вонредна седница на хрватскиот парламент поради еколошката катастрофа во Лика.
Милановиќ поднесува барање за вонредна седница на хрватскиот парламент врз основа на одредбите од член 79, став 2 од Уставот на Република Хрватска, потврди денеска Никола Јелиќ портпарол на претседателот.
Според Деловникот на хрватскиот парламент, откако Милановиќ, како овластен предлагач, ќе поднесе барање, претседателот на парламентот, Гордан Јандроковиќ, е должен да свика вонредна седница на парламентот во рок од осум дена од приемот на барањето.
Претседателот Милановиќ одлучи да го стори тоа откако пропадна денешната седница на парламентарна комисија за заштита на животната средина.
Левичарските опозициски партии претходно побараа од Милановиќ да ги искористи своите уставни овластувања и да свика вонредна седница на парламентот поради проблемот со незаконско исфрлен опасен отпад.






