САД: Ирански хакери украле 31,5 терабајти податоци од универзитети и компании
Американските федерални обвинители објавија обвинение од 14 точки против 17 членови на иранскиот институт Мабна за 10-годишна кампања на кибер шпионажа. Групата е обвинета за напади врз стотици институции низ целиот свет, а според Министерството за правда, тие дејствувале првенствено по налог на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ).

„Овие обвиненија разоткриваат поширока мрежа за која се верува дека стои зад обемна кампања спонзорирана од владата, насочена кон кражба на истражувања и интелектуална сопственост од американски универзитети, компании и владини институции“, рече американскиот обвинител Џејми Мекдоналд.
Според обвинението, хакерите провалиле во системите на 322 универзитети, од кои 144 се во САД и 178 во други земји. Тие наводно украле 31,5 терабајти податоци, претежно научни списанија и дисертации. Министерството за правда наведува дека американските универзитети потрошиле 3,4 милијарди долари за да ги добијат истите податоци што биле украдени, а подоцна продадени преку ирански веб-страници.
Хакерите, исто така, нападнале 42 приватни компании од САД, 11 странски компании, неколку американски владини агенции и Обединетите нации. Во еден од случаите, обвинетите ја хакирале медиумската компанија HBO и се обиделе да изнудат шест милиони долари во биткоини.
Се проценува дека нападите им предизвикале на жртвите трошоци од над 20 милиони долари.






