Сменетиот министер за одбрана на Украина бара избори

Популарниот поранешен министер за одбрана на Украина, 35-годишниот Михаило Федоров – истакнат реформист чија смена во јули предизвика масовни демонстрации – синоќа повика на одржување избори и покрај руската инвазија, како и на „воспоставување на целосен демократски процес“.

„Демократијата не смее да биде заложник на Русија… Затоа, мораме да најдеме правен, безбеден и реален механизам што ќе ѝ овозможи на Украина да го обнови целосниот демократски процес, дури и среде долготрајна војна“, рече Федоров во своето обраќање на YouTube.

Федоров укажа на „системска криза во управувањето“, критикувајќи ги владините институции за бавност, отпор кон промени и култура која „понекогаш ѝ дава предност на лојалноста пред ефикасноста“.

Голем дел од својот говор тој му посвети на прашањето за корупцијата, чии последици, како што рече, се особено тешки во време на војна.

„Секоја гривна (украинска валута) што треба да се искористи за одбрана, мора да се искористи за одбрана“, рече Федоров, нагласувајќи дека „злоупотребата на средства значи дека беспилотните летала, муницијата или опремата никогаш нема да стигнат до украинските сили“.

Федоров изјави дека чувството на неправда се заканува да ја поткопа довербата меѓу граѓаните и државата, особено кога војниците ги ризикуваат своите животи додека други профитираат од војната, или кога одлуките на владата не се соодветно објаснети.

Тој се залага за „нов општествен договор“ заснован на однос на доверба и реципроцитет – граѓаните ги исполнуваат своите обврски кон државата, а државата постапува транспарентно и ги штити.

Според него, Украинците можат да прифатат дека властите можат да направат грешки во толку сложена војна, но „имаат право на вистината“.

Поранешниот министер за одбрана ја истакна потребата да се зачува надежта дека по војната ќе се појави „посилна, поправедна и послободна“ Украина.

Федоров рече дека Киев треба да покаже оти земјата може да води војна и истовремено да остане демократија.„Не смееме да дозволиме (рускиот претседател Владимир) Путин да одлучува кога Украинците можат да ги избираат своите лидери“, рече поранешниот министер

Back to top button
Close