Ноќеска тешка битка со огнот во непосредна близина на Крушевица
Тешка и ризична била борбата со пожарот во непосредна близина на селото Крушевица, рече директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, во изјава дадена вчера на полноќ.

Ангелов информираше дека пожарникарите и екипите на терен успеале да го сопрат огнот и да го повлечат под патот, со што е намалена опасноста за селото.
„Имавме огнена битка во непосредна близина на селото Крушевица, но успеавме да го сопреме и да го повлечеме скроз долу од патот“, рече Ангелов.
Тој посочи дека во еден момент еден од тимовите останал без вода и морал да се повлече за да обезбеди нови количества.
Особено ја истакна улогата на возилата „пинцгауер“, како и на нивните возачи кои, според него, одиграле клучна улога во интервенцијата.
„Да не беа ‘пинцгауерите’, ова ќе беше страшна ситуација. Благодарение на храбрите возачи, бивши специјалци“, истакна Ангелов.
Условите за гаснење биле исклучително тешки поради густиот чад и отежнатото дишење, а интервенцијата била проследена и со голем ризик за екипите.
„Многу чад, тешко е за дишење и многу ризик. Но мораме, бидејќи селото е во прашање“, порача Ангелов






