2026 – уште една година празен од на Северна Македонија
Како што привршува летото влегуваме и во финалните месеци од 2026 година, а Владата влезе во третата година од својот мандат. Но и оваа година како и претходната, а 2024 не ја броиме затоа што тоа беа месеци на аклиматизација на новата власт, се чини ќе помине во празен од на Северна Македонија. Нема ништо ново или напредок на политички, економски или на надворешно-политички план. Бројките што ги кажува премиерот за економските успеси се во судир со реалноста, а оние бројки дека сме лидери по куповната моќ во регионот, повеќе наликуваат на мерење кој е помалку а кој е повеќе сиромашен од балканските држави надвор од ЕУ.

Шефот на дипломатијата Муцунски и во вторникот (18.08) го повтори истото што го кажува Владата веќе две години. „Црвените линии на нашата држава се поврзани со нашите историја, идентитет, јазик и култура“, рече тој. „Тоа се нашите позиции, кои повеќепати ги имаме претставено и пред домашната јавност и пред сите наши меѓународни фактори. Очекуваме систем на гаранции од европските институции. Очекуваме почитување на реципроцитетот кога се во прашање човековите права и очекуваме решение што ќе биде насочено кон заштита на нашите позиции поврзани со идентитетот, јазикот, културата и историјата“, вели Муцунски.
Накратко кажано пораката е- ние не попуштаме, нека попушти Европската унија. Тоа е и целата содржина на внатрешната и надворешната политика на државата.
Македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски стои пред влезот на зградата на МНР пред кој од левата страна на јарбол стои македонскоот знамеМакедонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски стои пред влезот на зградата на МНР пред кој од левата страна на јарбол стои македонскоот знаме
Муцунски: „Црвените линии на нашата држава се поврзани со нашите историја, идентитет, јазик и култура“Фотографија: Petr Stojanovski/DW
Изјавите од типот „ние сме отворени за дијалог“, „ние сме отворени за дискусија за можните решенија“, „за нас ЕУ нема алтернатива“ се повеќе колку со нешто да се пополни политичкиот етер отколку реална политика. Колку да се држи гласачкото тело на готовс во случај да има предвремени избори.
Што ќе донесе 30 септември
Таква е и изјавата „на 30 септември сѐ ќе биде познато околу евроинтеграцијата“. Клучен датум за иднината на процесот на проширување на Европската Унија е 30 септември, кога Европската комисија треба да излезе со извештај за новиот пристап кон проширувањето, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. На 30 септември Европската комисија првпат ќе го претстави моделот според кој ќе се одвива натамошниот процес на проширување, а потоа во октомври за истите прашања ќе расправа и Европскиот совет.
„Тоа се моментите што нам ни се важни за да ги процесуираме чекорите што сепак се можни и се договараат“, рече на почетокот на летото претседателката. Осврнувајќи се на односите со Бугарија, таа тогаш изјави дека по контактите со бугарскиот претседател Румен Радев гледа простор за интензивирање на дијалогот и за барање заеднички решенија.
Тогаш, малку кој се осврна на изјавата на Сиљановска Давкова во која покрај нејзиниот заклучок дека треба многу напор и добра волја за да чекориме напред, треба и нешто друго. „Треба нешто заедно да инвестираме за да дојдеме до некакво решение“, рече таа.
Меѓутоа од тогаш, а изјавата беше дадена во средината на јули, нема никакви сигнали за таква „инвестиција“, што повторно наметна впечаток дека Северна Македонија не се ни движи кон ЕУ за да очекува некакви новости на 30 септември. Ние стоиме во место, вкопани сме во рововите кои политички се наречени црвени линии.
Македонското и знамето на ЕУ на јарболи пред син ѕид на кој на три места се гледа лофото на Европската комисијаМакедонското и знамето на ЕУ на јарболи пред син ѕид на кој на три места се гледа лофото на Европската комисија
На 30 септември Европската комисија првпат ќе го претстави моделот според кој ќе се одвива натамошниот процес на проширување. Што ќе донесетоа за македонските евроинтеграции?Фотографија: DW/M. Maksimovic
Притоа патот кон евроинтеграцијата дома се прикажува како „блокиран“ иако вистинската дефиниција е дека Владата за партиски цели одбива да ги направи чекорите кои се предвидени во преговарачката рамка и се усвоени од сите земји членки на ЕУ.
Избори- реално сценарио
Прогнозите се дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги направи уставните измени кои дури и при изменети услови за проширување ќе ни бидат побарани. Причината е што одбивањето на уставните измени е единствената карта за владеење на партијата откако големите изборни ветувања од 2024 останаа само на хартија. ВМРО-ДПМНЕ и премиерот и партиски претседател Христијан Мицкоски отидоа предалеку во отфрлањето на сценариото за уставни измени за сега туку така да се повлечат.
Единственото што би можело да се очекува е при евентуален зголемен внатрешен и надворешен притисок за уставни измени, владејачката партија да одговори со предвремени избори на кои повторно ќе ја тестираат политиката за отфрлање на уставни измени. Таков развој на настаните би можел да се очекува напролет следната 2027 година.
Таква стратегија за владеење не е непозната на овие простори. Кон неа се прибегнува секогаш кога владејачката партија сака да избегне носење на големи одлуки кои можат да ѝ наштетат на партискиот рејтинг.
Популарноста што ја ужива македонската десница дава простор за изборен маневар со сигурна добивка – продолжување на мандатот без позначајни постигнувања или остварувања на изборните ветувања.
Оттука прашањето е какви пораки граѓаните на Северна Македонија можат да очекуваат на 8 Септември кога ќе се слави 35 годишнината од самостојноста на државата. Колку и да се развлекува оваа прослава со музички манифестации, Владата и целиот државен врв имаат обврска пред своите граѓани да подвлечат линија под изминатите 35 години и да кажат кои се плановите за иднина. Како ќе изгледа во наредните 35 години оваа убава земја со многу сонце, пријатна клима и близина до море. Кон која цел се движиме и во кој рок да очекуваме дека ќе се приклучиме кон модерниот свет. (Dw)
Соња Крамарска






