Сојузот на борци од Тетово бара да се забрани именување улици по личности поврзани со фашизам и нацизам

Со законски измени изречно да се забрани именување улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти со имиња на личности или организации поврзани со фашизам, нацизам, тероризам. Вакво барање доставил Сојузот на борци од Тетово до координаторите на парламентарните политички партии од македонскиот блок.

Во барањето доставено до ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица и ЗНАМ, Сојузот на борци бара да се отпочне постапка за измена на Законот за определување имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти.

„Барањето кое го доставивме е соодветно и комплементарно на измените направени со Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации од 8.11.2022 година, кога се направи законски филтер со цел спречување на регистрацијата на бугарските профашистички клубови низ државата. Во нашето делување увидовме потреба да се подобри законското уредување на оваа значајна и сензитивна материја“велат од тетовскиот Сојуз на борци.

Оттаму дополнително бараат кога Советот на општините, односно на Градот Скопје, ќе отпочне постапка за именување, покрај претходната согласност од Владата, задолжително да побара мислење од Комисијата за имиња, која како стручно тело е формирана согласно Законот за здруженија и фондации.

„Очекуваме позитивен приод од сите пратенички групи и итно отпочнување на законодавна постапка“,велат од Сојузот, додавајќи дека антифашизмот е основа на постоењето на македонската држава.

Тетовскиот Сојуз на борци пред неколку дена остро реагираше на предлог-имињата на улици во Тетово предложени од работната група во рамки на Општина Тетово. Помеѓу имињата, како што посочија оттаму, меѓу другите се и личности кои биле соработници на фашистичкиот окупатор

Back to top button
Close