Нови препораки за водоснабдувањето во Гостивар: Поголем надзор, контрола на хлорот и испирање на мрежата
Подобрување на контролата на водата за пиење, континуирано следење на хлорот и посистематско одржување на водоводната мрежа се дел од препораките за ЈП „Комуналец“ Гостивар од министерството за здравство, со цел да се обезбеди поголема безбедност и стабилност на водоснабдувањето.

Меѓу клучните мерки е континуирано следење на количината на хлор, од извориштето до крајните потрошувачи. Се препорачува поставување автоматизиран систем за мерење, следење и графичко регистрирање на параметрите поврзани со процесот на дезинфекција, вклучително и дозирањето на хлор.
Дополнително, треба систематски и континуирано да се мери резидуалниот хлор на повеќе точки во дистрибутивната мрежа, во различни периоди од денот и при различна потрошувачка на вода. Каде што е технички возможно, се препорачува и воведување систем за алармирање при отстапување од утврдените оперативни вредности.
По укинувањето на кризната состојба во Гостивар, препораката е во дистрибутивната мрежа да се обезбеди резидуален слободен хлор во концентрација соодветна за одржување на микробиолошката безбедност на водата, при што целната оперативна вредност треба да биде во ранг од 0,2 до 0,5 милиграми на литар, согласно условите на системот и важечките прописи.
Се препорачува и хидраулична и оперативна анализа на водоводната мрежа, со која би се утврдиле причините за варијациите на нивото на резидуалниот хлор. Анализата треба да ги опфати задржувањето на водата, таканаречените „мртви краци“, зоните со мала потрошувачка, промените во протокот и можноста за мешање на води од различни делови на системот.
Во препораките е наведена и потребата од ревидирање на постојната Програма за мониторинг базирана на проценка на ризикот, која треба да ги опфати сите критични контролни точки и мерки за управување со ризикот – од извориштето и хлоринаторската станица, преку резервоарите и пумпните станици, до крајните потрошувачи.
Посебен акцент се става на редовното испирање на водоводната мрежа, особено на крајните, периферните и слабо проточните делови. Целта е да се намали времето на задржување на водата и да се спречи акумулација на седименти и формирање или одржување на биофилм.
ЈП „Комуналец“ треба да обезбеди и континуитет и доволен капацитет на водоснабдувањето, особено во периодите на зголемена потрошувачка. Се препорачува и изработка на оперативен план за постапување при намалена издашност на извориштето или зголемена потрошувачка.
Како долгорочна мерка се препорачува изнаоѓање нови изворишта за водоснабдување, со цел да се задоволат зголемените потреби, особено во летниот период.
Меѓу мерките е и редовната дневна оперативна контрола на основните параметри на водата за пиење, со задолжително водење и архивирање на резултатите, како и евидентирање на преземените корективни мерки при евентуални отстапувања.
Од ЈП „Комуналец“ се очекува да врши редовен мониторинг на безбедноста и квалитетот на водата согласно Програмата за мониторинг одобрена од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Препораките опфаќаат и одржување и управување со заштитните зони, со посебно внимание на првата и втората заштитна зона. Се бара и целосно усогласување на хлоринаторската станица и условите за складирање и ракување со хлор гас со законските и безбедносните барања.
Тоа подразбира соодветна вентилација, опрема за спречување ширење на хлор при евентуална хаварија, лична заштитна опрема, системи за детекција на истекување и соодветна обука на персоналот за постапување во итни ситуации.
Предвидени се и континуирани обуки за вработените кои управуваат со водоснабдителниот систем и ја одржуваат мрежата, како и редовни здравствено-хигиенски прегледи за персоналот во првата заштитна зона.
Дополнително, треба да се провери стручната подготовка и основното знаење за безбедноста на водата за пиење кај персоналот кој работи на критични точки од системот.
Општинските комунални инспектори се повикуваат на почести теренски контроли за рационално користење на водата, особено при зголемена потрошувачка, како и за откривање недозволени приклучоци, истекувања и други состојби кои можат да влијаат врз водоснабдувањето.
Надлежните инспекциски тела треба редовно да вршат надзор над целиот водоснабдителен систем – од извориштето до крајните потрошувачи, со посебен акцент на заштитните зони.
На крајот, се препорачува и техничка проценка на состојбата, функционалноста и капацитетот на филтерната станица. Доколку се утврди дека ги исполнува техничките и санитарните услови, таа треба да биде ставена во функција согласно предвидената технологија на третман, со соодветен оперативен и мониторинг план.






