Ангелов: Изорајте ги дворовите на викендиците во напуштените села, така ќе бидат заштитени од пожари
Не успеваме насекаде да стасаме, затоа апелирам до граѓаните кои имаат куќи или викендици во напуштени или полунапуштени села, да го изораат или ископаат дворот, да направат земјен појас, земјата не гори. Aко дворот е изоран, ако е земјен, ако нема вегетација, викендицата ќе биде заштитена, вели Ангелов

Имаме контрола над пожарите од аспект на загрозеност на населените места, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Сепак, тој предупредува дека тоа не значи оти ситуацијата не може да се влоши во кој било момент.
Тој информира дека пожарот во прилепско Чаниште сè уште е активен, но во овој момент не го загрозува ниту тоа ниту друго село. Општина Прилеп дава логистика на сите сили кои учествуваат во гаснењето, а се интервенира и воздушно.
„Трите ‘ертрактори’ веќе интервенират и верувам дека ќе прекинат една линија на огнот, но факт е дека овој пожар ќе продолжи и во текот на утрешниот ден. Наша примарна цел е одбрана на населените места, односно на овие стари и во најголем дел напуштени или полунапуштени села“,кажа Ангелов.
Вели дека во наредното село – Крушевица е поставена добра одбрана.
„Не очекувам огнот да стигне во ова село, но и во случај доколку дојде, истиот ќе биде сопрен зашто во текот на ноќта го пресековме неколку пати, во овој момент нема активен крак кој се движи кон Крушевица, што не значи дека нема состојбата да се смени“,додаде првиот човек на ДЗС.
Кон битолската страна, каде што се наоѓа селото Орле, има крак со којшто се борат битолските пожарникари. Таму е ангажиран булдожер кој прави противпожарна пресека.
„Од оваа страна, страната на Чаниште и Крушевица, работат прилепските пожарникари со поддршка на специјалните тимови на Дирекцијата со 4 ‘пинцгауери’, како и повеќе тимови на Дирекцијата составени од доброволни пожарникари од Битола, Кочани и Виница, кои исто така дадоа извонредни резултати. Голем дел од краците се испресечени, ако линијата беше можеби повеќе од 20 километри, сега таа е прекината, немаме непрекината линија на горење. Голема работа ни заврши полицискиот хеликоптер, кој помогна да изгаснете дел од сртот, така што генерално, состојбата е стабилна, што не значи дека не може да се влоши во кој било момент, но имаме контрола од аспект на загрозеност на населени места, одбранивме неколку манастири, неколку трла, пчеларник…“соопшти Ангелов.
Тој апелира до граѓаните да ги изораат дворовите околу викендиците заради нивна заштита.
„Не успеваме насекаде да стасаме, затоа и апелирам до граѓаните, особено оние кои имаат викендици или куќи кои ги користат како викендици во напуштени или полунапуштени села, да го изораат или ископаат дворот, да направат земјен појас, земјата не гори. Aко дворот е изоран, ако е земјен, ако нема вегетација, викендицата ќе биде заштитена“,вели Ангелов.
Тој вели дека во Чаниште oгнот зафатил повеќе стари и напуштени куќи. Се проверува дали е изгорена куќа која некој ја користел повремено како викендица.






