Бугарската влада усвои одлука за подготовка на претседателските избори

Бугарскиот Министерски совет донесе одлука за подготовка и спроведување на изборите за претседател и потпретседател на Република Бугарија, коишто ќе се одржат на 25 октомври 2026 година, соопшти владината прес-служба.

Со одлуката му се наложува на министерот за иновации и дигитална трансформација да ја координира организациско-техничката подготовка на изборите, вклучително и со Централната изборна комисија да ги усогласи условите и начинот на изработка, испорака и чување на изборниот материјал. Министерот ќе биде задолжен и за техничкото обезбедување на видеонадзорот и видеоснимањето во изборниот процес, како и за склучување на потребните договори, јави БТА.

Министерот за внатрешни работи ќе ги организира активностите во надлежност на МВР поврзани со подготовката и спроведувањето на изборите, додека министерот за регионален развој и јавни работи ќе го координира изработувањето и објавувањето на избирачките списоци.

Министерот за финансии ќе достави до Министерскиот совет предлог-тарифа за плаќањето од страна на партиите, коалициите и иницијативните одбори за предизборните емисии на Бугарската национална телевизија и Бугарското национално радио, како и на нивните регионални центри.

Министерот за надворешни работи ќе ја организира подготовката и спроведувањето на изборите во странство, а министерот за правда ќе ги координира активностите во казнено-поправните установи. На министерот за правда му е доверено и издавањето прекршочни решенија согласно Изборниот законик.

Според одлуката, министрите за иновации и дигитална трансформација, за внатрешни работи, за надворешни работи, за регионален развој и јавни работи и за правда ќе го информираат премиерот за текот на подготовките до објавувањето на изборните резултати.

Бугарскиот парламент во јули го одреди 25 октомври како датум за претседателските избори. Одлуката потоа беше објавена и во „Службен весник“.

Back to top button
Close