Дел од Кикладските Oстрови во магла поради „морски чад“

Невообичаена природна појава позната како „морски чад“ од вчера ги „покри“ со магла дел од Кикладските Oстрови, предизвикувајќи намалена видливост и во морските подрачја, но и на плажите, јави дописничката на МИА од Атина.
„Морскиот чад“ („sea smoke“) е природна појава што се создава кога многу студен воздух поминува над релативно топла морска вода, при што топлата вода испарува, а влагата веднаш се кондензира во студениот воздух, создавајќи изглед како да има магла или чад што се крева од површината на морето.
Според грчките медиуми, маглата вчера се појавила меѓу островите Сикинос и Фолегандрос, потоа се проширила кон Кимолос, а денеска појавата е најизразена околу островите Парос, Антипарос, Милос и Иос.
„Морскиот чад“ ги „преплави“ и социјалните мрежи во Грција со видеа и фотографии од Кикладите, а на дел од нив се и големите траекти што сообраќаат до островите кои се губат во густата магла.
Информативниот портал „Парианос Типос“ од островот Парос, објавувајќи видео од пристаништето коментира дека иако се слушале свирежите на траектите и звукот на моторите, самите бродови воопшто не се гледале, дури и во непосредна близина на брегот.






