Путин и наложи на руската влада да ги обнови складовите оштетени во украинските напади

Рускиот претседател Владимир Путин ѝ нареди на владата да подготви програма за обновување на логистичките бази и складовите што беа оштетени или уништени во украинските воздушни напади.
Од 18 јули украинските сили со дронови нападнаа повеќе од 20 складови на водечката руска компанија за онлајн трговија „Вајлдберис“ (Wildberries). Во експлозиите и пожарите предизвикани од нападите беше уништен голем дел од нејзините логистички центри.
Путин на седницата на Советот за стратешки развој и национални проекти изјави дека на повеќе логистички објекти им е потребна реконструкција со државно учество и ѝ наложи на владата да преземе мерки, без притоа да ја именува компанијата.
– Од суштинско значење е да се обезбеди оштетените објекти да бидат обновени на квалитативно ново ниво – рече рускиот претседател во телевизиски пренесуваното обраќање до учесниците на седницата, на којашто присуствуваа министри и директори на компании.
Путин додаде дека руската економија бележи умерен раст и покрај надворешниот притисок, мислејќи на западните санкции, како и на украинските напади врз индустриски и инфраструктурни објекти.
– Таквите напади, се разбира, не доведоа и не би можеле да доведат до критични последици. Сепак, тие предизвикуваат штета, тоа е очигледно и ние целосно го разбираме и го признаваме – рече Путин.
Украинските градови, пристаништа и логистички центри исто така се мета на руски напади. Властите во Киев велат дека нападите врз Русија имаат цел да ја зголемат цената што Москва ја плаќа за војната што ја започна.
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, оваа недела изјави дека ЕУ во наредните месеци ќе го воведе најголемиот пакет санкции досега против Русија.






