Турските наставници од новата учебна година задолжително ќе носат бели мантили

Турското Министерство за образование со нова наредба објавена денеска ги задолжи сите наставници во образовните институции под негова надлежност да носат мантили слични на оние што ги носат медицинските работници, почнувајќи од новата учебна година во септември, објави порталот „Хаберлер“.

Според наредбата, белите мантили со логото на Министерството ќе бидат задолжителен дел од облеката што наставниците ќе ја носат врз цивилната облека. Мерката има цел да го нагласи авторитетот и достоинството на наставничката професија, како и да спречи носење премногу лежерна или несоодветна облека во училиштата.

Вработените во образовниот сектор треба да се облекуваат на начин соодветен на достоинството и репрезентативната функција на нивната професија, се наведува во наредбата што ја потпиша турскиот министер за национално образование Јусуф Текин.

Слична мерка Министерството предложи и во 2023 година, но тогаш учителските синдикати и стотици наставници остро реагираа на идејата, оценувајќи дека таа има „обезличувачки карактер во однос на наставниците“ и претставува „обид за ограничување на облекувањето на жените во училиштата“, објави весникот „Пенџере“

Back to top button
Close