ВМРО-ДПМНЕ до СДСМ: Резултатите за водата побарајте ги од вашиот градоначалник во Гостивар
Резултатите од анализата на водата во Гостивар побарајте ги од Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ и од вашиот градоначалник Валбон Лимани – велат од ВМРО-ДПМНЕ откако СДСМ денеска повторно ја повика власта да ги објави резултатите од анализата на водата во Гостивар, кои укажуваат дека таа е безбедна за пиење.

Од владејачката партија велат дека секое испитување е директна надлежност на ЈП „Комуналец“-Гостивар.
„Така што по ова прашање, нека се обратат до градоначалникот и нека му кажат да ги објави резултатите. Второ, надлежна институција која поставува и разрешува директор на ЈП ‘Комуналец’ е градоначалникот на општината, во случајот Валбон Лимани, градоначалник од редовите на СДС, ДУИ и партијата на Таравари“,велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму обвинија дека локалната власт во Гостивар е неспособна и дека Владата морала да интервенира во ситуацијата со загадувањето на водата од гостиварскиот водовод.
По интензивните барања на опозицискиот СДСМ да биде објавен извештајот со кој се гарантира дека водата во Гостивар е безбедна за употреба, премиерот Христијан Мицкоски изминатиов викенд рече дека инсистира извештајот од анализата да биде јавно објавен.






