Над 48.000 лица се регистрирале за гласање во странство на општите избори во Босна и Херцеговина


Повеќе од 48.000 лица се регистрирале за гласање во странство за општите избори во Босна и Херцеговина, соопшти Централната изборна комисија на БиХ (ЦИК), а пренесе националната телевизија БХРТ.

Од вкупно 48.078 регистрирани избирачи надвор од земјата, 45.457 одлучиле да гласаат по пошта, додека 2.621 лице гласачкото право ќе го остварат во дипломатско-конзуларните претставништва.

ЦИК одби околу 5.000 барања за регистрација во странство поради неисполнување на законските услови. По поднесените 39 жалби, комисијата прифати четири, додека останатите беа отфрлени од Судот на Босна и Херцеговина како неосновани.

На претстојните избори се очекува правото на глас да го остварат околу 3,4 милиони граѓани. Избирачите ќе ги избираат тројцата членови на Претседателството на Босна и Херцеговина, повеќе од 500 пратеници во Парламентарното собрание на БиХ и во парламентите на двата ентитета – Република Српска и Федерацијата Босна и Херцеговина, како и пратеници во кантоналните собранија.

Според Дејтонскиот мировен договор од 1995 година, со кој заврши војната во БиХ, државата е составена од два ентитета – Република Српска, со претежно српско население, и Федерацијата Босна и Херцеговина, во која мнозинството го чинат Бошњаците и Хрватите.

Ентитетите имаат сопствени влади, парламенти и полициски сили, но се поврзани преку централните државни институции, меѓу кои се правосудството, вооружените сили, безбедносните служби и даночната администрација. Дејтонскиот договор ја дефинира и улогата на високиот претставник на меѓународната заедница, кој располага со овластувања за наметнување закони и за разрешување функционери.

Back to top button
Close