(ВИДЕО) Авион и полициски хеликоптер се судрија во воздух во САД: еден загинат, двајца повредени

Еден човек загина, а двајца полициски пилоти се повредени при судир во воздух меѓу мал авион и полициски хеликоптер над аеродромот Карлајл во округот Камберленд, во централниот дел на американската сојузна држава Пенсилванија.

Screenshot

Во несреќата учествувале мал авион „Цесна 150“ и хеликоптер „Бел 407“ на полицијата на Пенсилванија. Загинал пилотот на „Цесната“, за кого се претпоставува дека бил единственото лице во авионот.

Двајцата пилоти на хеликоптерот се здобиле со полесни повреди и биле пренесени во болница. По судирот, хеликоптерот се превртел и паднал на земја, но пилотите успеале да излезат од леталото.

Според првичните информации, хеликоптерот изведувал рутинска вежба и се наоѓал на само неколку метри над земјата. Во истиот момент „Цесната“ слетувала на блиската писта, но од засега непознати причини нагло свртела надесно и со задниот дел удрила во хеликоптерот.

Причините и точните околности на несреќата допрва треба да бидат утврдени. Истрагата ја води Националниот одбор за безбедност на транспортот (NTSB), со помош на Федералната управа за воздухопловство (FAA).

Back to top button
Close