Државното знаме е возвишен симбол

Државното знаме е еден од најзначајните делови во комплексот на државотворноста, уставотворноста во тертиторијално поделената меѓународна заедница. Знамето ја обележува и идентификува самобитноста на субјектите во светот и истовремено го маркира идентитетот на државите и на групите во нив. Заради тоа неговото значење како социјална компонента и обележје на поединечните државни творби е јасно верификувано во сите политички носечки документи на регионалните и универзалните институции. Сите сериозни политички ентитети кон знамето се однесуваат сериозно и одговорно како симбол со посебни ритуали и со посебен пиетет. Со еден збор, знамето е издигнато на нивото на светост. Односот кон знамето е индикатор на сериозноста, достоинството и почитта на граѓаните кон сопствената земја, татковина, идентитет, историја и национални стратешки одредби.

Постои изрека дека над стабилна и осведочена држава има едно сонце и едно знаме. Во демократските држави со препознаен и признаен етнички диверзитет покрај знамето на приоритетната нација рамноправно се веат и знамињата на помалите етнички заедници. Но, сите тие подеднакво се почитуваат меѓу себе. Тоа се основните параметри кон кои треба да се придржува и нашата земја. Но, за волја на вистината, во нашиот однос кон оваа светост на моменти се манифестираат односи во ко се препознаваат елементи на непочит, семипатриотизам, дилетантизам, примитивизам, непрепознавање на знаме на други земји итн. Специфичната улога на знамето наметнува сериозен пристап кон него од страна на надлежните институции и на самите граѓани.

Тука се јавуваат определени проблеми и пропусти кои фрлаат лошо светло врз заедницата и нивото на политичката култура во македонското општество кои мораат да бидат анулирани. Некои примери од македонската практика се спротивни на пропишаните уставни принципи. Тие се лесно забележливи сметаат на вистинската свечена претстава за државноѕо знаме. На пример:

-Палење и газење на уставно промовираното знаме на РСМ

-Истакнување на знаме на други држави при официјални посети од надвор, наместо знамето на државата на гостинот

-Истакнување од страна на одделни помалубројни етнички групи на нивното знаме без придружба на официјалното знаме, а тоа повлекува разни толкувања за намерата и пораката на постапката на актерите

-Најчесто партиското знаме со звездата од Вергина кое е симбол припаѓа на една тнр. Патриотска коалиција, како по правило се користи во бројни прилики без официјалното државно знаме кое е пропишано со Уставот на РСМ,

– Појави на отворено и јавно декларирано непризнавање и неприфаќање на уставно пропишаното знаме,

-Обиди официјалното државно знаме на РСМ да се замени со други знамиња итн.

Со еден збор сведоци сме на не до крај соодветно почитување на оваа уставна материја што треба да е предизвик за политичката власт.

Знамето е обележје на една држава, а неговото почитување е индикатор за степенот и карактерот на политичката култура на нејзините граѓани и власта.

Ајде со респектот кон нашето знаме да останеме на нивото на светската државничка пристојност и практика.

Ѓорѓи Тоновски

Back to top button
Close