Во Грција досега регистрирани 157 случаи на вирусот Западен Нил, починаа 13 лица

За една седмица во Грција биле регистрирани 47 нови случаи на вирусот Западен Нил и починале четири лица, покажуваат податоците од неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.

 

Од почетокот на оваа сезона, заклучно со вчера претпладне во земјата се дијагностицирани и пријавени вкупно 157 домашни случаи на инфекција со вирусот и се регистрирани вкупно 13 смртни случаи, сите постари од 65 години, со просечна возраст од 82 години (од 66 до 91 година).

Од ЕОДИ соопштија дека од заразените, 116 лица се со симптоми на централниот нервен систем (енцефалитис и/или менингитис и/или акутна парализа), додека кај 41 случај симптомите биле благи или немало зафатеност на централниот нервен систем.

Од заразените, 42 лица се хоспитализирани, 92 пациенти биле пуштен од болница, а во десет од случаите не било потребно лекување.

Според Националната организација за јавно здравје, резултатите од епидемиолошкото истражување спроведено во 2010 година покажале дека на секој еден случај на инфекција со вирусот Западен Нил со зафатеност на централниот нервен систем соодветствуваат околу 140 лица инфицирани со вирусот (со благи симптоми или без симптоми).

Доколку се анализираат официјалните податоци, повеќето од случаите (вкупно 104) се регистрираните во областа Атика, поширокиот регион на Атина, а останатите 46 се во регионот Тесалија, во северна Грција и на Пелопонез, додека пак седум случаи се во фаза на епидемиолошко истражување.

Поради зголемениот број случаи на Западен Нил во Атика, од периферијата минатата седмица соопштија дека започнуваат дополнително прскање против комарци и за 30 отсто ќе ги зголемат насочените активности, што започнаа минатиот четврток, а се очекува да се финализираат утре.

Првиот случај на инфекција во Грција за оваа сезона беше регистрирани на почетокот на јули.Вирусот Западен Нил, што го пренесуваат комарците, присутен е во земјата во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до денес.

Најголем број случаи на Западен Нил имаше во 2018 година, вкупно 317, а истото лето, највисок беше и бројот на починати лица вкупно 51.

Лани, во Грција беа регистрирани 96 случаи, а од Западен Нил починаа девет лица.

Back to top button
Close