Таравари: Повеќето заболени во Гостиварско не добивале вода од градскиот водовод


Лидерот на Алијанса за Албанците и поранешен градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, во гостување во „Тема на денот“ на ТВ Сител за првпат јавно проговори за проблемот со водата за пиење со кој се соочи градот, велејќи дека партијата и локалните власти одлучиле досега да молчат за да не ја попречуваат истрагата, но нагласи дека во јавноста се пласирале бројни невистини.

„Сакам да кажам дека имаше страшна негативна енергија да се прикаже дека во Гостивар е направен голем криминал. Во меѓувреме јас сум многу среќен што немаше ниту еден комплициран случај“,рече Таравари.

Тој вели дека во водоводната мрежа не била поврзана канализација, посочувајќи дека во Вруток воопшто и нема канализациски систем.

Таравари презентираше хронологија на резултатите од Јавното претпријатие, според кои водата во најголем дел од критичниот период била безбедна.

На 28 јуни и 13 јули, како што рече, испитаната вода од сите чешми во Гостивар била физички, хемиски и бактериолошки целосно уредна.

На 17 јули била изолирана бактерија во екстремно ниски концентрации само во една чешма во една населба, додека останатите точки биле чисти.

Сите контроли на 28 јули повторно потврдиле дека водата е комплетно чиста.

Тој додаде дека од почетокот на годината се направени 310 анализи, а најголемиот дел од населените места што се споменувале воопшто не се дел од Општина Гостивар.

Во врска со бројката од околу 4 000 пациенти кои побараа лекарска помош поради стомачни тегоби, Таравари објасни дека најголемиот дел од нив живеат во региони кои воопшто не се снабдуваат од градскиот водовод, како Вруток и Дебреше. Според него, лекари сметале дека се работело за сезонски вирус, а не за бактериска епидемија предизвикана од водата.

„Повеќето колеги во Гостивар, што работат со пациенти, инстистираа дека треба да направат копрокултура бидејќи ова е повеќе вирус отколку што е бактерија. Во три-четири анализи, едната приватно ние ја направивме како општина, и ги доставивме до Јавното обвинителство, повторно само во една чешма во истата населба водата е загадена со ниска концентрација на бактерија“,
рече Таравари.

Тој додаде дека бројот на прегледани пациенти во однос на минатата година е зголемен за само 18 отсто, што е вообичаено за летните месеци кога кружат контагиозни вируси.

„Само да расчистиме, има многу пациенти коишто воопшто не користеле вода од градскиот водовод и имале симптоми. Во Гостивар минатата година и оваа година прегледани пациенти има околу 4 800. На едно прашање на градоначалникот до директорот на болницата, дали овие пациенти што се бројчано 140 сите се со гастроинтестинални тегоби? Одговорот на директорот е не. Не се сите со гастроинтестинални тегоби“,
додаде Таравари.

За прашањето околу вклучувањето на пумпите кои влечеле вода во главниот цевковод, Таравари призна дека тоа било грешка.

„Тоа е пропуст од јавното претпријатие кој не смеел да се направи ниту за експеримент од ден-два. Меѓутоа, градоначалникот нема врска со оперативните активности на претпријатието освен што именува директор. Не е можно еден градоначалник да знае се што се случува на терен“,изјави Таравари.

Прашан зошто општината, градоначалникот, јавното претпријатие не ги објавува податоците и по повикот на министерот за здравство и на премиерот, тој најави дека општината и градоначалникот наскоро транспарентно ќе ги објават резултатите.

За тоа како е можно актуелниот градоначалник Валбон Лимани воопшто да не бил запознаен, да не издал одобрение, согласност, да се активираат пумпи што ќе внесуваат вода во цевководот, Таравари повори дека со сите обврски што ги има еден градоначалник не може да стигне секаде да биде. Тој додаде и дека по неговиот шест и пол годишен мандат како градоначалник на Гостивар, сега првпат видел каде е каптажата, односно резервоарот.

За потсетување, водата во Гостивар беше забранета за пиење од 17 јули. Според надлежните, загадувањето дојде од непрописно поставени пумпи од ЈП „Комуналец“-Гостивар со кои во системот се внесувала загадена вода. Илјадници граѓани завршија во болница поради труење со бактерии. Се изврши процес на хиперхлорирање за да се прочисти целиот водоснабдителен систем по што водата беше прогласена за исправна само за техничка употреба.

Од 14 август водата од градскиот водовод во Гостивар е безбедна за пиење откако резултатите од извршените лабораториски испитувања од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и лабораторијата на ЈП „Водовод и канализација“-Скопје беа задоволителни.

На полноќ истече триесетдневната кризна состојба, а надлежните денска информираа дека водата за пиење во Гостивар е чиста и безбедна.

За случајот се уапсени директорката на гостиварски „Комуналец“ и уште две лица.

Back to top button
Close