Од 2027 година патарини без рампи во Хрватска: Што треба да знаeте пред патување

Хрватска од 1 март 2027 година воведува нов дигитален систем за наплата на патарини, со кој класичните наплатни рампи и долгите колони на автопатите треба да станат минато. Системот „Crolibertas“ ќе овозможи возилата да минуваат без запирање, а патарината ќе се пресметува според изминатата делница и категоријата на возилото.

Во тек е поставувањето на 212 електронски портали со камери и сензори долж околу 1.400 километри автопатишта. Новиот систем ќе функционира според принципот „слободен проток“, што значи дека возачите нема да мора да застануваат на наплатни станици.

За патничките возила до 3,5 тони ќе се користи автоматско препознавање на регистарските таблички. Возачите ќе треба однапред да го регистрираат возилото во системот и да поврзат платежна картичка. Втората можност е користење ENC-уред, кој ќе се отчитува додека возилото се движи.

За автобусите, камионите и мотоциклите користењето ENC-уред ќе биде задолжително.

Хрватска не воведува вињети, па патарината и понатаму ќе зависи од поминатите километри и категоријата на возилото. Новината е тоа што наплатата ќе се врши без физичко застанување.

Системот ќе ги опфати и автопатите со кои управуваат „Хрватски автопати“, но и делниците под концесија на „Бина-Истра“ и „Автопат Загреб-Мацељ“.

За македонските туристи ова значи дека патувањето кон хрватското крајбрежје или транзитот кон Западна Европа би требало да биде побрзо и поедноставно, особено во летната сезона кога на наплатните станици се создаваат километарски колони.

Македонските возачи ќе треба однапред да ја регистрираат својата регистарска табличка во системот и да обезбедат начин за плаќање. До почетокот на примената на новиот систем, патарините во Хрватска ќе продолжат да се плаќаат според сегашниот модел.

Back to top button
Close