Филипче: Пет години Мицкоски и криминалната дружина ме нарекуваа “убиец”. Сега барам да се извинат, не на  мене , на семејствата на загинатите оти си поигруваа со нивната жал

Мицкоски да им се извини и на граѓаните за пет години ширење лажни вести за модуларната болница, рече претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција по одлуката на Обвинителството за затворање на предметот за набавката на модуларните болници, нагласувајќи дека институцијата јасно утврдила дека нема злоупотреба на службената должност и нема штета на буџетот.

„Вчера обвинителството донесе одлука дека го затвора предметот за набавката на модуларните болници. На почеток сакам да кажам, дека страшно жалам за загубените животи, за луѓето кои таму загинаа и сочувствувам со семејствата. И тоа така ќе биде секогаш”, рече Филипче.

Тој посочи дека одлуката на Обвинителството ја потврдува вистината за неговото работење.

„Јасно кажа обвинителството, нема злоупотреба на службената должност, нема штета на буџетот и тоа го отсликува целокупното мое работење секаде, дали на клиника во интерес на пациентите некорумпирано, така и во рамките на другите функции кои што сум ги имал, сè во интерес на граѓаните без никаква штета по никого”, рече Филипче.

Филипче истакна дека и покрај тоа, Христијан Мицкоски и ВМРО пет години водат кампања исполнета со лаги, навреди и тешки квалификации.

„Меѓутоа, на Христијан Мицкоски и на неговата организирана криминална група, на главниот ПР советник Латас, им требаше убиец. Пет години зборат за мене дека сум убиец, ме споредуваат со убиец, ме споредуваат со доктор Менгеле, замислете, јас што спасувам животи, за кој што здравјето на граѓаните ми е на прво место, не престанаа”, рече Филипче.

Тој потенцираше дека ваквата кампања продолжила дури и по одлуката на Обвинителството.

„Не престанаа ни вчера, после одлуката на обвинителството, излегоа некои млади членови на криминалната група, го продолжија тоа, денес премиерот исто така на прес-конференција”, рече Филипче.

Филипче потсети дека по пожарот во Тетово поднел оставка како морален и човечки чин.

„Јас после пожарот во Тетово поднесов оставка, како морален човечки чин”, рече тој.

Претседателот на СДСМ порача дека Мицкоски со години ја злоупотребува трагедијата и чувствата на семејствата за политички цели и побара јавно извинување, пред сè кон семејствата на загинатите.

„Барам организираната криминална група ВМРО да се извини. Не мене да ми се извини, да се извини криминалната група и Христијан Мицкоски да се извини на семејствата на загинатите. Затоа што пет години си поигруваат со нивните чувства, со нивните емоции и со нивната жал”, рече Филипче.

Тој побара извинување и до сите граѓани за петгодишното ширење лажни вести и загадување на јавниот простор.

„Да се извини и на граѓаните, затоа што пет години шират лажни вести. Затоа што го загадуваат јавниот простор со несоодветен наратив. Мене не мора да ми се извинат, јас тоа од нив не го барам. Многу добро знам со какви луѓе си имам работа”, порача Филипче.

Филипче истакна дека нема да го следи примерот на Мицкоски и да прави споредби со други трагични случаи, затоа што, како што рече, има емпатија и сочувствува со луѓето.

„Нема, поради тоа што сум човек, имам емпатија и сочувствувам, а може да споредувам со други случаи, а тоа доволно говори само за тоа каков човек е Христијан, без сочувство, без срам, без жал”, рече Филипче.

На крајот, претседателот на СДСМ порача дека одговорност за постапките на актуелната власт ќе има.

„После следните избори доаѓа правдата во Македонија, и Христијан Мицкоски и криминалната група за сè што прават овие изминати две години ќе одговараат. Никола Груевски избега, Христијан нема да избега”, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Back to top button
Close