Рама за неинтонирањето на албанската химна во Пустец: Колефски се извини за грешка што не е негова, и се покажал како достоен државник и граѓанин на европска Албанија
По реакцијата на Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија за неинтонирањето на албанската химна вчера на фолклорниот фестивал во Пустец, со објава преку социјалната мрежа X се огласи и премиерот на Република Албанија, Еди Рама. Според Рама, гадоначалникот на Пустец, Пали Колефски, иако реагирал и побарал да се изведе и албанската химна, бил игнориран, а се извинил за грешка што не е негова. Рама вели дека Колефски се покажал како достоен државник и граѓанин на европска Албанија.

„Ние ја почестивме таа мала заедница со посебен статус како посебна општина, токму затоа што за Албанија малцинствата не се статистика, туку национално богатство, а малцинските граѓани не се бројки, туку браќа и сестри со исти слободи и права како и сите нас. Сега, ова повремено пристигнување на нашата територија на циркуски трупи на балканскиот национал-фолклоризам, понекогаш од една земја, понекогаш од друга, а понекогаш и од друга, не само што не нè загрижува за себе, за суверенитетот на Албанија, не, не, туку и за рамнотежата на политичкиот живот овде внатре, каде што нема тројански мазги одгледувани во нашите ридови или ’дијаспора’ извезена од нашето соседство што нè потресува, бидејќи европска Албанија веќе ја помина својата адолесценција како демократска држава“,напиша Рама.
Рама додаде дека Албанија, балканската Европа, никогаш не може и нема да си дозволи да ги спушти своите вредности на нивото на пародијата во Пустец.
И министерството за Европа и надворешни работи на Албанија реагираше, опишувајќи го отсуството на албанската химна како сериозен недостаток на почитување на националните симболи и правилата на институционалниот протокол. Реакција стигна и од градоначалникот на Пустец, Пали Колефски, кој соопшти дека настанот го организирало здружението „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“. Тој се извини во име на организаторите и додаде дека Општина Пустец била само поканета во овој настан, а не учествувала во организирањето.
Вчера во Мала Преспа беше организиран фолклорниот фестивал „Преспа 2026“ посветена на македонската традиција, култура и фолклор, каде што присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.






