Ангелов: Активни повеќе од 15 пожари на отворен простор, од кои четири се големи

На територијата на државата до овој момент активни се повеќе од 15 пожари на отворен простор. Од нив, како што информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, четири се големи пожари коишто ни задаваат сериозни главоболки.
Најголем пожар, и понатаму останува пожарот во Мариовскиот регион, на општините Прилеп и Битола, кој денес ставен под делумна контрола.
-Кракот којшто се движи над селото Крушевиште е значително намален. Можеби во вечерните часови ќе се приближи кон селото, но таму, на лице место, се наоѓаат сили од локалните пожарникари, поддржани со тимовите за брз одговор на ДЗС, составени од доброволци од Битола, Кочани и Виница. Имаме и четири екипи со специјални возила, односно огнените тимови на Дирекцијата – изјави Ангелов.
Овој крак, како што посочи Ангелов, можеби во вечерните часови ќе се приближи кон селото, но околу селото се направени специјални противпожарни пресеки, коишто огнот не би требало да ги помине. Како што информира Ангелов, тука се и луѓето коишто ќе се борат со огнот доколку огнот се спушти ниско кон селото.
Се работи за линија од можеби еден – два километри, за разлика од претходните повеќе од 25 километри.
-Од другата страна, гледано кон магистралниот пат Прилеп–Битола, состојбата е драстично подобра. Во текот на ноќта, храбрите пожарникари од Прилеп, поддржани со храбрите доброволни пожарникари ангажирани преку Дирекцијата од Битола, ја нападнаа линијата на огнот и, при тоа, на мое големо неверување, успеаја да изгаснат повеќе километри огнена линија високо во планините, притоа и доста ризикувајќи, бидејќи теренот е прилично негостољубив. Во овој момент имаме таму само еден активен крак којшто се движи кон селото Бонче, но селото не е загрозено бидејќи имаме сконцентрирано доволно сили – информира Ангелов.
Нареден е пожарот којшто повеќе денови трае на територијата на Општина Македонски Брод, над селото Драговдол.
-Вчера повторно го активирав модулот за шумски пожари на Дирекцијата, составен од 25 доброволни пожарникари од различни места од државата, со пет оперативци на Дирекцијата. Модулот цел ден работи на терен како поддршка на професионланите пожарникари од Македонски Брод. И овој пожар е значително намален, но теренот е екстремно негостољубив. На некои места не може да се оди пеш, а ниту има ефект ако се дејствува од воздух – изјави Ангелов.
Третиот пожар е пожарот којшто веќе повеќе денови се одвива на територијата на Општина Студеничани, којшто, како што информира Ангелов, тргна кон Китка.
-Рано утрово таму направивме хеликоптерско извидување. Имаше само остатоци од горењето во еден дол, бидејќи, благодарение на активностите на скопските пожарникари, линијата беше ставена под делумна контрола. Затоа дадов наредба да дејствуваат ер тракторите, коишто во два налета, трите ер трактори, исфрлија околу 20 тони вода. Постои можност овој пожар целосно да згасне, но и доколку покажува активност, таа ќе биде ограничена само на една точка и дополнително ќе планираме што понатаму – изјави Ангелов.
На оваа точка, како што појасни Ангелов, не може да се дејствува ниту со специјалните возила на Дирекцијата, ниту со пешадија, бидејќи се наоѓа во тешко пристапен, а во најголем дел и целосно непристапен дол.
Активен е и пожарот којшто вчера околу пладне изби на територијата на Општина Липково, над селото Никуштак, којшто сега се движи во насока над село Матејче и кон манастирот над село Матејче.
-Таму дејствуваат четири пинц-гауери на Дирекцијата за заштита и спасување, коишто се на места каде што теренот го дозволува тоа. Ја гасат надворешната линија. Овде, на лице место, се наоѓаат и кумановските пожарникари, но превентивно донесовме и еден БТР на Дирекцијата, којшто има резервоар полн со шест тони вода. Во случај огнот да пробие овде зад мене, да го браниме селото, бидејќи веќе на стотина метри назад се наоѓаат првите куќи од селото. Но, сметам дека селото во ниту еден момент нема да биде загрозено, бидејќи се работи за живо село, полно со луѓе. Сега имаме асфалтирани улици и, покрај тоа што овде забележувам многу висока сува вегетација, сепак луѓето, локалните жители, ќе помогнат, како што помагаа во текот на вчерашниот ден – информира Анеглов.
Останатите пожари, како што посочи Анеглов, се помали пожари.






