Филипче: Подготвени сме за избори во секој момент, во септември ќе го објавиме мастер-планот за Македонија

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е целосно подготвен за парламентарни избори во секој момент, а во текот на септември ќе го презентира својот стратешки документ за развој на државата, најави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија.
Филипче оцени дека актуелната власт нема испорачано резултати во клучните општествени сектори и дека бега од соочување со граѓаните на избори.
– Ние сме подготвени за избори кога и да се случат. Единствен што бега сега во овој момент од избори и што е вистински уплашен од изборите е Христијан Мицкоски. Прво, затоа што му паѓа рејтингот, затоа што не испорачува резултати никаде. Затоа што не испорачува ништо во делот на економијата, во делот на стандардот на граѓаните. Платите не се покачуваат, цените се во плафон, луѓето не можат да преживеат. Ништо не се случува во делот на здравството. Видете каков хаос е. Пет-центарот не работи два и пол месеца. Шестотини пациенти заболени од рак не можат да стигнат до дијагноза и да добијат соодветна терапија – истакна претседателот на СДСМ.
Филипче најави дека СДСМ финализира конкретна програмска платформа со мерки за следниот двегодишен период.
– Ние сме целосно спремни за избори, имаме спремен тим, програма и програмска платформа и во текот на септември ќе го објавиме нашиот мастер-план за Македонија. Станува збор за план од пет до шест точки во кои граѓаните ќе знаат, доколку ни дадат доверба, што ќе се случува во следниот период од две години. Транспарентно, отчетно, тој ќе се темели на точки што сериозно ги засегаат најважните проблеми на граѓаните и напредокот на државата – нагласи Филипче.
Лидерот на СДСМ порача дека партијата се залага за економски стандард, раст на платите и пензиите, соодветни образовни додатоци и отворање на европските перспективи за земјата.






