Филипче: Власта да преземе одговорност за водата во Гостивар и да ги објави резултатите од испитувањата

– Власта треба да преземе одговорност за водата во Гостивар, а не 20 дена откако гостиварци пиеле вода со фекалии, во најголемиот пик на случаи со над 5.000 заразени луѓе, премиерот да замине на прошетка низ Европа, вели претседателот на СДСМ Венко Филипче.
Во гостување на Тема на денот на Сител телевизија, Филипче упати критики до Владата за несоодветно справување со здравствената криза со водата за пиење во Гостивар и побара од надлежните институции транспарентно да ги презентираат резултатите од испитувањата на водата и да објаснат зошто тие не се објавени веднаш.
– Клучното прашање е зошто сега не го објавуваат резултатот од водата во Гостивар? Како може да им се верува, кога само три дена пред да се преполни болницата во Гостивар, имаат резултат дека водата била исправна за пиење? Како може да се верува на оваа власт – посочи претседателот на СДСМ.
Тој додаде дека власта мора да излезе пред јавноста со јасни информации за причините за загадувањето, планот за санирање на состојбата и мерките што ќе бидат преземени за да се спречат слични ситуации во иднина.






