Огромни мршојадци слетуваат на преполните грчки плажи

Необични сцени ова лето се забележуваат на грчките плажи, каде сè почесто огромни мршојадци слетуваат меѓу туристите, па дури и во непосредна близина на лежалките и чадорите.
На социјалните мрежи се појавија повеќе видеа на кои се гледаат големите птици како ненадејно се спуштаат на плажите. Со оглед на тоа што белоглавиот мршојадец може да има распон на крилјата поголем од два метра, ваквата средба од непосредна близина кај дел од туристите предизвикува страв и изненадување.
Сепак, зад необичната појава не стои агресивно однесување на птиците. Според организацијата АНИМА, која се занимава со заштита и грижа за диви животни, многу од мршојадците се млади единки кои поради високите температури остануваат исцрпени и дехидрирани. Поради недостаток на сила, тие се принудени да слетаат и на места каде што има голем број луѓе.
Од АНИМА информираат дека нивните екипи им укажуваат прва помош на птиците, по што дел од нив се транспортираат на понатамошно лекување. Само во последните денови од јули и почетокот на август, во организацијата биле донесени повеќе од 20 млади мршојадци од Крит. На поголемиот дел им била потребна терапија поради дехидрација и исцрпеност, додека две птици морале да бидат подложени и на ортопедски операции.






