ЌЕФЛОСАНИ МОМИ

Некои девојки се качувале на потопената црква во Мавровското Езеро и замислете, од црквата скокале во водата. И тоа, замислете, само по гаќички се капеле… Скандал од невидени размери. Не се проблем станбените згради што никнаа низ Националниот парк, не се проблем дивоградбите и патот од времето на Тито што пропаѓа, не е проблем дека останавме и без скијачки центар, не се проблем дивите депонии од ѓубре и градежен шут. Ама, девојките што скокале во танга од ѕидини на разурната црква се и тоа каков проблем.

Да е само Маврово. И во манастирот „Свети Наум“ во Охрид имало многу туристи кои, замислете, се кикотеле и биле весели. И, како што објавија медиумите, локалците велат дека не може да се најде никакво решение со кое ќе се контролира однесувањето на туристите. Цела среќа што УНЕСКО му даде на Охрид рок уште пет години пред да го стави на Листата на загрозено природно и културно светско наследство. Покрај дивоградбите, со себап може Охрид ќе се реши и од раскикотени туристи.

Кај не можеш да се изнауживаш со математички прецизно 300 и кусур посто покачените што плати што пензии, мислејќи постојано на јахтата на Зоран Заев и цело време пред очи ти е голото меше на Венко Филипче, па сега уште мирот ни го земаат и тангите на некои ќефлосани моми во Маврово и Охрид.

Ој, мачен животе. И базените ги испразнивме како што ни рече министерот за здравство Сашо Клековски, да не нѐ јадат комарци, па да умреме од западнонилска треска. Да можевме барем со ладна глава да се радуваме на историскиот напредок што Владата го постигнува на сите полиња. Од доградби на градинки и отварање на кружни текови, до историско успешно чистење на водовод од гомна.

Премиерот Мицкоски го прогласи за успех на Владата и чистењето на водоводот во Гостивар за еден месец, откако 22 дена луѓето пиеја вода гомнарка и над 5.000 се разболеа.

Труењето на водоводот во Гостивар не беше поради некоја природна катастрофа. Не беше ни хаварија. Беше човечка глупост и некадарност на раководители на јавно претпријатие што се нашле на тоа место само затоа што се членови на партија.

И кога сме веќе кај успесите на партиските кадри, да го забележиме и извештајот на државниот ревизор за студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје. Како и по обичај, утврдени се низа неправилности меѓу кои и дека лебот го плаќале 126 денари и купиле душеци со димензија поголема од креветите

Целата колумна на  Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close