Неколку места во Скопје без струја, возовите ќе возат споро поради жештините, пчеларите предупредени да ги заштитат пчелите

Регионалниот центар за управување со кризи – Град Скопје информира дека денеска, 22 август, во повеќе населени места во Скопскиот регион ќе има прекини во снабдувањето со електрична енергија, додека поради високите температури е воведено и ограничување на брзината во железничкиот сообраќај.
Според известувањето од ЕВН Македонија, од 7:55 до 14:55 часот без струја ќе бидат корисниците од селата Огњанци, Чојлија, Бадар, Кожле, водовод Кожле, фазанеријата Тотинци, тунелот Каланово, Катлановско Блаце и дел од Петровец.
Во периодот од 9 до 11 часот прекин во снабдувањето ќе има и кај дел од корисниците во селото Јурумлери, Општина Гази Баба.
Од ЈСП Скопје информирале дека автобусите сообраќаат по летен возен ред, а поради градежни работи изменета траса имаат линиите 4, 7, 18, 23, 60, 63, 63А, 71 и 118.
Железничкиот сообраќај се одвива редовно, но поради високите температури од 11 до 17 часот брзината на движење е ограничена на 50 километри на час.
Меѓуградскиот и меѓународниот автобуски сообраќај, како и авионскиот сообраќај, се одвиваат според планираниот возен ред.
Од ЦУК информираат и дека во текот на изминатото деноноќие Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје имала неколку интервенции, додека ЈП „Водовод и канализација“, покрај редовното одржување, бележи и три интервенции во градот и околината.
За денеска не се планирани организирани крводарителни акции. Крв, сепак, може редовно да се дарува во Институтот за трансфузиона медицина, како и во дневниот центар во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ во работни денови од 8 до 15 часот.
Терестичната дезинсекција против ларви и комарци во Скопје ќе почне утре, 23 август, и ќе трае до 26 август, секоја вечер од 22 часот до 3 часот наредниот ден.
Од ЦУК апелираат пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите, објави Скопје1.мк






