Загинаа пет тинејџери во Ирска: се снимале за ТикТок и возеле во спротивен правец

Screenshot

Пет тинејџери загинаа во Ирска во тешка сообраќајна несреќа откако, според истрагата, возеле во спротивен правец на автопат и снимале опасно возење за објава на социјалните мрежи.

Трагедијата предизвика силна јавна реакција и повторно ја отвори дебатата за влијанието на TikTok и другите платформи врз ризичното однесување кај младите.

Несреќата се случила во раните утрински часови на 16 август на автопатот М9. BMW, во кој биле петмината тинејџери, се движел во спротивен правец и се судрил со Hyundai, во кој патувале три сестри и седумгодишно дете.

Сите четворица од Hyundai биле тешко повредени. Тие патувале кон аеродромот во Даблин за да заминат на семејна свадба во Велика Британија.

Во несреќата загинале Џо Карти, на 15 години, Камил Пустковски, Џек Кенеди и Алекс Мекарти, сите на 17 години, како и 18-годишниот Џереми О’Брајан.

Ирската полиција верува дека групата претходно учествувала во провали во домови и автомобили во округот Килдер и дека намерно се обидувала да предизвика полициска потера. Според извештаите, неколкумина од нив и порано објавувале снимки од опасно возење.

На социјалните мрежи веќе подолго време кружат видеа во кои млади луѓе снимаат екстремно брзо возење, полициски потери и движење во спротивен правец. Во ваквите снимки, самото патување практично станува претстава за публиката, а ризикот е дел од содржината.

Професорката по форензичка киберпсихологија, Мери Ајкен, оценува дека социјалните мрежи дополнително го засилуваат ризичното однесување.

Според неа, младите во исто време се и во реалниот свет и во дигиталниот простор, што може да го намали чувството за последиците од сопствените постапки.

„Размислуваат само за лајковите и за тоа како ќе изгледаат пред другите“, оценува Ајкен.

Пензионираниот полицаец Греам Каванаг, кој порано учествувал во потери по крадци на автомобили, смета дека проблемот е многу поширок од самите социјални мрежи.

Тој прашува како пет млади луѓе можеле заедно да заклучат дека ваквото однесување е добра идеја и оценува дека одговорност мора да бараат и семејствата, училиштата, социјалните служби и институциите.

По трагедијата, TikTok се најде под дополнителен притисок откако на платформата се појавиле нови снимки од опасно возење.

Компанијата одбила да се појави пред парламентарниот комитет за медиуми, повикувајќи се на тековната полициска истрага, истрагата на медиумскиот регулатор и фактот дека други платформи не биле повикани.

Претседателот на комитетот, Алан Кели, таквиот потег го нарекол „шамар за ирската јавност“.

Дел од политичарите веќе бараат и построги казни, па дури и возењето во спротивен правец на автопат во одредени случаи да се третира како обид за убиство.

Истовремено, јавноста е поделена и околу односот кон загинатите тинејџери. На интернет се појавиле голем број навредливи коментари, поради што семејствата на дел од нив ги повлекле осмртниците од интернет, а погребите биле обезбедувани од полицијата.

Од друга страна, за тешко повреденото семејство биле собрани повеќе од 660.000 евра помош.

Случајот во Ирска сега се претвора во поширока дебата за тоа кој и кога треба да реагира – полицијата, правосудството, родителите, училиштата, социјалните служби или технолошките компании – пред опасното однесување за прегледи и лајкови да заврши со нова трагедија, објави Скопје1.мк

Back to top button
Close