ЛДП ја обвини Владата дека прави монопол во авиосообраќајот

Либерално-демократска партија ја обвини Владата дека прави монопол во авиосообраќајот додека се фали дека обезбедува нови летови за Македонија, а реално ја сопира конкуренцијата.

-Под превезот на фалењето на Владата и ВМРО-ДПМНЕ за „новите 28 авиодестинации“ се крие исклучително опасна состојба во македонскиот авиосообраќај. Наместо слободен пазар, еднакви можности и подобри услови за патување, македонското небо е доведено до класичен монопол на една странска компанија од Унгарија, кој се финансира директно од џебот на македонските граѓани, се наведува во соопштение на Либерално-демократска партија.

-ВМРО-ДПМНЕ вети и доби мандат за нешто сосема спротивно од она со кое денес се фали. Во својата предизборна програма „Платформа 1198“, црно на бело им беше ветена на граѓаните демонополизација и конкурентност, спречување на доминантната позиција на една авиокомпанија, привлекување нови европски превозници и воведување нови директни летови. Реалноста денес, под палката на министерот за транспорт Александар Николоски, е тотално спротивна, каде што речиси две третини од сите летови на аеродромот во Скопје се под контрола на еден ист нискобуџетен превозник.

Додека Владата се фали со наводни успеси, на дело се случува вистински егзодус на сите сериозни и традиционални европски авиокомпании кои досега летаа на сопствен комерцијален ризик. Изминатиов период сведочиме како „Изиџет“ (easyJet) ја укинува линијата за Париз, полски „ЛОТ“ (LOT Polish Airlines) ги откажа сите летови за Варшава за целата зимска сезона, „Трансавија“ (Transavia) како дел од конгломератот „Ер Франс-КЛМ“ целосно го прекина летот за Амстердам, а „Луфтханза“ (Lufthansa) ги укина летовите кон Франкфурт. Пет пати помпезно најавениот лет за Дубаи остана празен ПР-балон. Македонија забрзано се изолира од главните европски аеродроми и собирници, додека пазарот им се препушта исклучиво на привилегирани играчи.

Наместо да донесе нови компании на пазарот, Владата спроведува провидна шема на манипулативно рециклирање дестинации со народни пари. Превозникот „Визер“ (Wizz Air) претходно самостојно укина низа линии, меѓу кои Келн, Стокхолм Скавста, Барселона, Бремен, Копенхаген и Салцбург. Денес, Министерството за транспорт дели народни пари за истите тие препакувани дестинации повторно дебело да се плаќаат од Буџетот и да им се продаваат на граѓаните како наводно нови подобрувања.

ЛДП јавно го прашува министерот Николоски, дали ова е ветената демонополизација од нивната програма со која се создава стопроцентна зависност од еден превозник финансиран со македонски пари? Граѓаните на Македонија се доволно паметни за да препознаат дека наместо слободен пазар, добивме народно финансиран монопол за една странска компанија која, откако ја исчисти секоја конкуренција, сама ќе ги диктира цените и условите. Министерството мора да одговори и зошто сите сериозни европски превозници си заминуваат од Скопје под нивниот мандат, изолирајќи ја земјата од главните европски аеродроми.

ЛДП и граѓаните ѝ порачуваат на Владата дека е недозволиво парите на македонските даночни обврзници да служат за создавање странски монополи. Граѓаните заслужуваат вистински избор, отворена конкуренција и квалитетна поврзаност со светот, а не евтин маркетинг со кој се покриваат опасни и поразителни политики, стои во реакцијата на ЛДП.

Back to top button
Close