Еко свест: Во Маврово се подготвува нова сеча на шума

Еко свест алармира дека според информации од локалното население, во Маврово се поставени машини за сеча на шумата и отворање пат за изградба на МХЕ Рибничка, објект околу кој има спор и е причина за кочењето на процесот на репрогласување на Маврово за национален парк.

„Институцијата која треба да ја штити нашата природа е заглавена во правен вакуум, бидејќи функционира врз основа на прописи од далечната 1949 година. Ваквото функционирање, што е резултат на недонесувањето на нов закон за прогласување на НП Маврово за национален парк, е во директна спротивност со целите на Законот за заштита на природата, овозможува нетранспарентно работење и ја доведува во прашање легалноста на активностите во паркот.

Законот за заштита на природата е јасен – сите активности и интервенции во паркот, а особено сечата на шумите, смеат да се одвиваат исклучиво доколку се предвидени со План за управување и Програма за шумски екосистеми, во строго дефинирани зони со ограничувања за површината и интензитетот. Моменталниот обем на работа во НП Маврово, вклучително и сечата, се спроведува без овие неопходни стратешки документи, што директно излегува од законскиот основ и е во спротивност со целите на самиот Закон.

Дополнително, не постои јавен увид во документите – на веб-страницата на паркот не се објавени основните акти врз основа на кои функционира паркот, како статут и програми за работа, што укажува на јасно нетранспарентно работење“, стои во реакцијата на Еко свест.

„ За изградбата на малата хидро централа на реката Рибничка имало силна критика од меѓународната стручна јавност и Бернската конвенција, од македонските граѓански организации како и локалното население. Овој проект не само што не е во функција на заштита на природните вредности на паркот, тој прави директна штета за управувањето на ова заштитено подрачје!“- изјави Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.

Според Еко свест, затоа е потребно итно репрогласување на паркот, односно итно донесување на нов Закон за прогласување на НП Маврово за заштитено подрачје бидејќи тоа е единствениот начин да се стави крај на овој правен вакуум, да се прекинат незаконските активности и да се воспостави вистинска заштита на природното богатство.

„Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата не смеат повеќе да го игнорираат овој проблем – репрогласувањето на НП Маврово е нивна законска обврска“, оценуваат од Еко свест

Back to top button
Close