Изречена пресуда за случајот со лажно силување

Двајцата обвинети за кривичното дело Грабнување признале вина и петчлениот Кривичен совет при Основниот суд Кавадарци им изрече затворски казни од вкупно 10 години. Б. М. (37) доби шест години затвор а Ќ. С. (30) четири години затвор, ним притворот им е продолжен до правосилноста на пресудата. Таа е првостепена, странките имаат право на жалба до Апелација.

Обвинетите жители на селото Копришница, Демир Капија, изразиле каење и жалење за стореното. Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци најави жалба

 

Според псијатриското вештачење, првообвинетиот Б. М. бил во состојба на битна намалена пресметливост поради трајна душевна болест – хронична психоза, параноја и патолошка љубомора.

 

 

Грабнувањето се случи на 12 април годинава, кога Б. М. како инспиратор на делото заедно со Ќ. С. извршиле грабнување на 21-годишно момче од Неготино, со намера да го присилат да сними изјава со признание дека ја силувал сопругата на првообвинетиот.

Соизвршителот при грабнувањето употребил и пиштол, кој го репетирал и со кој му се заканил на момчето.

Според обвинението, Б. М. и Ќ. С. го качиле момчето во „мерцедес“ од дворот на неговата куќа во Неготино и се упатиле по стариот пат кон Демир Капија, а за цело време му се заканувале по живот и го удирале со боксови.

 

Го фрлиле неговиот мобилен телефон и му ставиле црни ќеси на главата за да не гледа каде го носат. Кога стигнале во шума, го извадиле од возилото и го терале да слуша аудиоснимки и да признае дека тој е сниманото лице, но тој цело време негирал. Поради тоа, двајцата обвинети му се заканувале дека ќе го силуваат и ќе го убијат, па го удирале со боксови и со пластична цевка, нанесувајќи му тешки телесни повреди.

Полицијата ги открила сторителите, бидејќи пред да му го фрлат мобилниот телефон, момчето успеало да прати порака за помош во полиција, а и соседите го виделе како насила го внесуваат во возилото.

По ова полицијата ги идентификувала грабнувачите и ги контактирала, а тие дознавајќи дека се откриени, го однеле момчетово полициската станица во Неготино.

Back to top button
Close