Мицкоски: Преговараме со 5-6 компании за изградба на дата-центри

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата преговара со најмалку пет до шест потенцијални инвеститори за изградба на дата-центри во Македонија, меѓу кои, како што рече, има и голема мултинационална компанија.

Мицкоски порача дека Владата останува на стратегијата за привлекување инвестиции во дата-центри, оценувајќи дека ваквите проекти не треба однапред да се третираат како закана за квалитетот на животот на граѓаните. Како пример ги посочи глобалните компании NVIDIA, Amazon, SpaceX и OpenAI.

Според него, дел од плановите се поврзани и со изградба на гасни централи кои би произведувале електрична енергија што потоа би се користела за потребите на дата-центрите.

Осврнувајќи се на проектот во Пехчево, Мицкоски нагласи дека станува збор за приватна иницијатива и за предлог-нацрт урбанистички план, а не за проект зад кој стои државата.

„Тука нема ништо државата“, рече премиерот, додавајќи дека доколку Владата во иднина директно учествува, посредува или преземе институционален ризик за изградба на ваков објект, тоа ќе биде направено јавно и транспарентно.

Мицкоски најави дека Владата нема да отстапи од намерата да привлекува инвестиции во оваа област и дека разговорите со потенцијалните инвеститори ќе продолжат

Back to top button
Close