Кошта: Поддршката за Украина, Молдавија и Западен Балкан е инвестиција во безбедноста на Европа
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска изјави дека поддршката за Украина, Молдавија и Западен Балкан на нивниот европски пат претставува и „инвестиција во безбедноста и просперитетот на Европа“.
Зборувајќи за европскиот буџет, Кошта оцени дека Европската Унија мора да ги зголеми „инвестициите во одбраната, безбедноста и стратешката отпорност во услови на растечки глобални предизвици“.
– Влегуваме во одлучувачки момент во преговорите за нашиот следен европски буџет за периодот од 2028 до 2034 година. Геополитичкото опкружување се промени откако во 2020 година го одобривме сегашниот буџет – изјави Кошта по средбата со чешкиот премиер Андреј Бабиш во Прага.
– Сега, повеќе од кога било, треба да инвестираме во одбраната и безбедноста, конкурентноста и иновациите, како и во стратешката отпорност – дополни европскиот дипломат.
Посочувајќи дека тоа значи да се биде „доследен на нашите амбиции“, Кошта зборуваше за модернизација на следниот буџет на ЕУ, со цел Унијата да ги исполни новите приоритети, притоа зачувувајќи ги клучните столбови на поддршка за земјите членки, кохезионата и земјоделската политика.
– Од суштинско значење е да постигнеме договор до крајот на оваа година – рече претседателот на Европскиот совет, нагласувајќи дека не смеат да дозволат никаков прекин во европското финансирање на виталните проекти и политики во 2028 година.
Кошта, исто така, ја истакна важноста од забрзување на напорите за намалување на цените на енергијата, „додека продолжуваме со напорите за чиста транзиција и декарбонизација на технолошки неутрален начин – што значи нуклеарна енергија или обновливи извори“.






