ТРЕТИОТ ЧОВЕК
Малку ни е што земјите од ЕУ прописно нѐ малтретираат по границите, па сега Мицкоски, за да го спречи иселувањето нека ургира да ни ги вратат и Шенген визите
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека би бил најсреќен ако Соединетите Американски Држави ги затегнат условите за издавање иселенички визи за македонските граѓани.
„Ако може да ги затегнат условите Американците за иселенички визи за македонските граѓани, јас би бил најсреќен, затоа што политиката на оваа Влада е да ги врати иселениците. Ако збориме за туристички визи тоа е друго, но ако може да ги затегнеме иселеничките визи јас би бил најсреќен“, рече Мицкоски по посетата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Што е следно? Малку ни е што земјите од ЕУ летово прописно нѐ измалтретираа по границите, па сега Мицкоски нека ургира во Брисел да ни ги вратат и Шенген визите.
А зошто, едноставно, не го спречи иселувањето од земјава со поефикасни мерки кои во историјата се покажале како успешни? Нека донесат закон со кој ќе се забрани излегување од земјава. Добро, не мора баш толку строго, сепак Мицкоски е лидер на демократска партија. Може како во Романија под Николае Чаушеску или Бугарија под Тодор Живков, да не смее цело семејство да излезе истовремено од земјава, да мора некој да остане за гаранција дека другите ќе се вратат назад.
Многу нешто строг е Мицкоски по прашањето за иселување од државава, како премиер во чиј кабинет половина имаат бугарски пасоши и како лидер на партија чие пола членство има бугарски пасоши.
3Ме загрижува дека по прашање на иселувањето нема единство во рамките на владејачката коалиција. Тоа се откри при свеченоста по повод поставувањето камен-темелник за градење на автопатот кон Косово. „Вреди“ радосно заклучи: Сите патишта водат кон Блаце!
4Премиерот Мицкоски најави покачување на септемвриската пензија, ама овојпат тоа нема да биде линеарно, туку по закон. „Тоа ќе биде редовно нивелирање, усогласување согласно закон“, рече Мицкоски. Објасни дека имало поединци охрабрени од партиите да покренат процес пред Уставниот суд против линеарното покачување, па вака сака да ги заштити пензиите и пензионерите.
Од истата причина – да ги заштити пензиите и пензионерите – Мицкоски ги покачуваше пензиите линеарно, од истата причина сега ќе ги покачува процедурално.
Каде ли се сега оние 20 пензионери од Свети Николе што пред три години блокираа патишта барајќи линеарно покачување на пензиите? Па и штипските пензионери што мрзнеа во зима и гореа на сонце во лето барајќи линеарно покачување наместо редовното законско усогласување? Кога ќе ми текне дека во ноември 2023 дури и пред американската амбасада се собираа за протест. Пред која амбасада ќе протестираат сега, кога Владата е во периметарот на Трамп?
Отсекогаш сум се прашувал како функционира партискиот мозок. Партиски мозок е чуден биолошки феномен. До вчера одлично решение им беше линеарното, од утре супер ќе им биде процедуралното. Колку и да им ги матат изјавите на лидерите мозоците на партиските послушници во разни правци, еден правец е сигурен. Правецот на партијата.
Целата колумна на Горан Михајловски на сдк.мк






