Бесент: Светот е преплавен со долгови, излезот е само во посилен економски раст

Американскиот министер за финансии Скот Бесент на состанокот на финансиските лидери на Г20 во Ешвил денеска порача дека светот има огромен проблем со долговите и дека единствениот начин да се намали тој товар е побрз економски раст.
– Светот е преплавен со долгови, а единствениот начин да излеземе од ова е да растеме – рече Бесент на почетокот на дводневниот состанок на министрите за финансии и гувернерите на централните банки на Групата 20 (Г20).
Бесент истовремено најави продолжување на американскиот економски притисок врз Иран, пренесуваат американските медиуми. Тој рече дека иранската економија, доколку блокадата и санкциите потраат, би можела да дојде пред колапс за неколку недели или месеци, но дека целосен економски колапс не е неопходен за Техеран да се согласи на преговори.
Во врска со притисокот на Вашингтон врз Кина поради купувањето иранска нафта, Бесент рече дека американските санкции можат да бидат ефикасни и без соработка со Пекинг, додека истовремено порача дека САД и Кина имаат повеќе заеднички интереси отколку што изгледа.
Истовремено, претседателот на американските Федерални резерви Кевин Ворш оцени дека светската економија влегува во период на подолготраен раст. Како еден од главните двигатели го издвои силниот бран глобални инвестиции, посебно под влијание на развојот на вештачката интелигенција.






