Филипче: Лошите ненародни политики на Мицкоски ја празнат Македонија, луѓето се иселуваат
Лошите ненародни политики на Владата предводена од Христијан Мицкоски ја празнат Македонија, а граѓаните, особено младите и семејствата, не ја гледаат иднината во земјата и се иселуваат, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес конференција.
„Лани во прво одделение се запишале 17.900 деца, оваа година 14.900 деца. 3.000 деца помалку, 3.000 семејства. Што се случило со тие луѓе? Сигурно не е тоа резултат само на демографските движења, тие луѓе едноставно се иселиле. Зошто? Поради тоа што не ја гледаат иднината во земјава. Гледаат дека нема мерки, дека ништо не се случува, дека нема напредок, дека нема добри економски политики, дека нема поддршка за граѓаните, посебно за младите брачни парови и нормално луѓето си ја гледаат и иднината надвор од земјава”, истакна Филипче.
Филипче посочи дека токму почетокот на новата учебна година ги покажува последиците од ваквите политики, со значително помал број запишани првачиња, помалку паралелки и затворени училишта.
„Денеска почнува новата школска година и би рекол дека потажен почеток на школската година досега оваа држава немала. Имено, 3.000 помалку деца запишани во прво одделение, 433 паралелки помалку, 26 затворени училишта. Нема поголем и подобар показател за лошите политики на Владата, предводена од Христијан Мицкоски, од оваа бројка”, рече Филипче.
Филипче потенцираше дека иселувањето е последица на лошите економски политики на Владата, посочувајќи на растот на трошоците и недоволната поддршка за граѓаните.
„Укажувавме повеќе пати за лошите политики на оваа Влада, за жал никаков фидбек, никаков интерес. Зголемени горива за повеќе од 20% од почетокот на кризата. Никаква мерка за ниту една категорија на граѓани. Ако потрошувачката кошничка за година и пол дена пораснала за некаде близу 10.000 денари, била 60.000 денари, сега е скоро 70.000. Ако на тоа се додадат и трошоци како кирија или кредит станбен, таа потрошувачка кошничка изнесува близу 90.000 денари. Оваа власт не сакаше минималната плата да ја зголеми на 600 евра. И нормално дека луѓето ќе си се иселуваат, нормално дека ќе вадат бугарски пасоши, нормално дека нема да ја гледаат иднината и својата, и на своите деца овде кај нас, зашто да враќаат долгови на оваа ненародна криминална власт, која сакаат да живеат во развиен свет. Кој сака да живее таму каде што има систем, а не вака авторитарна власт предводена од Христијан Мицкоски, којашто го блокираше европскиот пат на земјата целосно”, потенцираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче.






