Сведочеше инвеститор: Мајката на Ристов уплатила околу 400.000 евра за станови
Сведочење на инвеститор во недвижности предизвика нови прашања во постапката против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, кој се товари за противправно стекнување и прикривање имот, како и за перење пари и други приноси од казниво дело, објави 4news.mk

Круме Апостолов, кој инвестира во недвижности, пред Судот изјави дека мајката на Ристов, Донка Ристова, во јануари 2025 година уплатила околу 400.000 евра за купување четири станови со вкупна површина од 250 квадратни метри.
Според неговото сведочење, реализацијата на изградбата доцнела поради проблеми со документацијата. Ристова подоцна побарала да ѝ биде вратен дел од уплатените средства, но Апостолов наведе дека парите веќе биле вложени и дека не ѝ вратил средства.
Во текот на вкрстеното испрашување, сведокот потврдил дека никогаш немал разговор со Ѓоко Ристов во врска со становите. Тој исто така рекол дека немал ниту судски предмет пред Ристов.
Сведочењето е од значење за Обвинителството поради тврдењето на одбраната дека 350.000 евра, пронајдени заѕидани во куќата во Неготино, биле сопственост на родителите на обвинетиот судија.
Одбраната, пак, останува на ставот дека и готовината пронајдена во ѕидот и парите уплатени за становите им припаѓале на родителите на Ристов.
При претресот во куќата во Неготино биле пронајдени 350.000 евра, распоредени во 13 пакувања. Станувало збор за вкупно 835 банкноти во апоени од 500 и 200 евра.
Ристов е обвинет за противправно стекнување и прикривање имот, како и за перење пари и други приноси од казниво дело. Постапката продолжува со изведување на доказите и сведочења пред Судот.






