АНАЛИЗА : Повеќе од 88 500 невработени, најбројни Албанците, над 60% од работодавачите имаа потреба од работници
За една година поднесени биле 10 143 барања за работни дозволи за странци. Додека повеќе од 60% од работодавачите во земјава изјавиле дека имаат потреба од нови вработувања во Агенцијата за вработување во јуни регистриран е месечен пораст на бројот на невработени. На пазарот на труд, според официјалните податоци, бројот на слободни работни места надмина 10 000.
83% од вкупниот број на невработени се без образование, со основно или со средно
За прв пат од почетокот на оваа година, во јуни, според податоците од АВРМ, на месечно ниво е регистриран пораст на бројот на невработени. Во седмиот месец од годинава, како активни баратели на работа биле евидентирани 88 541 луѓе што е за 2 425 повеќе во однос на мај. Во исто време регистрирани се уште 41 281 невработени со статус пасивни баратели на работа.
Од вкупниот број на невработени – активни баратели на работа, според пресметката на “Порталб” врз основа на официјалните податоци, најголем број или 35 757 се етнички Албанци со удел од 40,3%, 33 679 или 38,0% се етнички Македонци а трети по бројност на невработени се Ромите, 10 008 што претставува 11,3% од вкупниот број на невработени, по што следуваат Турците со 6 564 невработени или удел од 7,4% . Останатите етнички заедници или оние кои не се изјасниле според етнички клуч, учествуваа со помалку од 1,8% во вкупниот број на невработени.
Активни баратели на работа
Албанци 35 757 40,3%
Македонци 33 679 38,0%
Роми 10 008 11,3%
Турци 6 564 7,4%
Извор: АВРМ
Според образованието, повеќе од половина од невработените или 51 390 што претставува 58.0 % се без образование или со основно образование а 22 195 или 25% од вкупниот број на активни баратели на работа се лицата со средно образование. Ова значи дека 83% од вкупниот број на невработени се без образование, со основно или со средно образование.
Работни дозволи за странци и слободни работни места
Според анкетното истражување на работодавачите спроведено од АВРМ, годинава во приватниот сектор ќе има 14 498 нови вработувања во различни индустрии и со различен степен на образование. Според работодавачите, најголем дел од вработувањата се очекуваат во преработувачката индустрија, кој високо котира според дефицит на работна сила .
“Најголем број вработувања се очекуваат во преработувачката индустрија, 5328 или 36,8%, во трговијата на големо и трговијата на мало, каде се очекуваат 2342 вработувања или 16,2% од планираните вработувања, во градежништвото 1437 вработувања или 9,9%, како и во дејноста сместување и послужување на храна, каде се очекуваат 958 вработувања или 6,6% од планираните вработувања” – се наведува во новиот годишен Извештај на АВРМ.
Додека од една страна евиденцијата регистрира повеќе од 88 500 невработени кои активно бараат работа, приватниот сектор и натаму алармира дека недостигот на работа сила станува се поголем проблем.
“Во однос на потребата од работна сила, речиси 62% од анкетираните работодавачи, се изјасниле дека имаат потреба од вработување на нови лица од различни занимања” – се наведува во Извештајот.
Само лани, според официјалните податоци, обработени се вкупно 10 143 барања за издавање на работни дозволи за странци, од кои 836 барања за издавање на работни дозволи и 9 307 барања од МВР за давање на мислење за искористеноста на квотата и моменталните потреби на пазарот на труд.
Бројот на слободни работни места на ниво на државата варира и надмина 10 100 а најмногу слободни места или повеќе од 1 670 има во преработувачката индустрија, следува угостителско-хотелиерскиот сектор со 1 644 слободни места а на трето место со 1 483 е трговијата, додека секторот административни и помошни дејности има потреба од 1411 вработени. И секторите градежништвото и транспорт се во “потрага” по вработени, во градежништвото 910 а во транспортот 740 слободни работни места.
Слободни работни места
Преработувачка индустрија 1678
Сместување и послужување храна 1644
Трговија на големо и на мало 1483
Административни и помошни дејности 1 411
Градежништво 910
Транспорт 740
Извор: АВРМ
Во останатите дејности бројот на слободни работни места е помал од 400. На барање на работодавачите а со намера да се задоволат потребите за работна сила на домашниот пазар на труд, на почетокот од оваа година Владата донесе одлука за зголемување на квотите на 10 000 работни дозволи за странци.






