СДСМ: Владата на Мицкоски усвоила потреба за ново задолжување од 1,3 милијарди евра

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, тврди дека Владата на вчерашната седница усвоила потреба за ново задолжување на државата во износ од 1,3 милијарди евра.
На денешната прес-конференција, Филипче рече дека, според информациите со кои располага СДСМ, новото задолжување доаѓа дополнително на средствата со кои, како што тврди, државниот долг бил зголемен во изминатите две години.
– Според нашите информации, на вчерашната седница на Владата е усвоена потреба за ново задолжување на земјата во износ од 1,3 милијарди евра. Владата повторно ја задолжува земјата и граѓаните со нови 1,3 милијарди евра, дополнително на оние 2,5 милијарди евра со кои го зголемија долгот на државата во изминатите две години – рече Филипче.
Тој оцени дека новото задолжување доаѓа во период кога граѓаните се соочуваат со зголемени трошоци за живот, а компаниите, според него, чекаат значителни средства по основ на поврат на ДДВ.
– Над 200 милиони евра е долгот за поврат на ДДВ, а Владата нè задолжува со нови 1,3 милијарди евра. Вкупното ново задолжување за само две години ќе достигне околу четири милијарди евра, што е околу 40 проценти од вкупното претходно задолжување на земјата – рече Филипче.
Според лидерот на СДСМ, и покрај зголеменото задолжување, граѓаните не почувствувале подобрување на животниот стандард.
Тој посочи дека потрошувачката кошничка во изминатата година и половина се зголемила за близу 10.000 денари – од околу 60.000 на речиси 70.000 денари. Според неговите пресметки, доколку се додадат трошоците за кирија или станбен кредит, месечните трошоци за едно домаќинство достигнуваат близу 90.000 денари.
Филипче оцени дека ваквите показатели се доказ дека економските политики на Владата не придонесуваат за подобрување на животниот стандард на граѓаните.






