Истражување на ЦГК: Над четири милиони евра поделиле општините лани за субвенции и дотации – Аеродром е рекордер

Реалната сума се претпоставува дека е уште повисока, бидејќи дел од општините не ги доставиле сите податоци, додека општините Сарај, Чаир и Градот Скопје целосно ги игнорирале барањата за информации од јавен карактер.
Со овие средства биле опфатени 58 290 граѓани, што е речиси 13 000 повеќе од 2024 година. Средствата се доделувале по 92 различни основи – за прво дете и првачиња до пензионери, како и за купување пелети, тротинети, велосипеди, клима-уреди, дигитални уреди, за санација на покриви, фасади и лифтови. Со средствата биле наградувани и првенци на генерација, најдобар наставник, полицаец, земјоделец, пожарникар и доктор.

Најголеми износи за поддршка на граѓаните исплатиле скопските општини.
Општина Аеродром е рекордер со 552 387 евра доделени на околу 10 000 жители. Следна е Општина Центар со 507 481 евро, која средствата ги доделувала по 16 различни основи за помош вклучувајќи и училишни униформи за 4 900 ученици, ставка која била воведена во 2025 година.

На трето место е Општина Кисела Вода, која исплатила 461 989 евра за 10 511 граѓани и тоа по 12 основи.
Скопска Гази Баба издвоила 415 172 евра, опфаќајќи најголем број граѓани – 10 630 жители на кои парите им се исплаќале по 12 основи.

Гази Баба и Кисела Вода исплатиле и по 2 500 денари за неколку илјади пензионери.
За категоријата „најдобар“ општините доделувале награди од 5 000 денари за ученици, до 30 000 денари за најдобар земјоделец, полицаец или пожарникар.
Истражувањето на ЦГК покажува дека речиси нема општини кои исплатуваат помош за исти основи, освен можеби помошта за првачиња и новороденчиња. Исто така, нема воедначеност ни меѓу сумите што ги исплатуваат општините за иста основа.
Дури 50 општини даваат пари за бебиња, а износите варираат од 3 000 до 30 000 денари. Највисокиот износ за новороденче се исплаќа во Општина Старо Нагоричане.
За запишување во прво одделение 38 општини давале средства, а највисок износ дава Могила – 8 000 денари.
Највисок поединечен износ што исплатила една општина е Конче, која дава по 100 000 денари на секое лице над 35 години кое стапило во брак.
Истражувањето покажува и дека од другите основи, средства се исплаќале за замена на лифтови и фасади, а за таа намена биле доделени над 200 000 денари.
Истражувањето укажува дека се различни и програмите и буџетските категории од кои општините ја доделуваат паричната помош. Не постои стандардизација – општините користат различни ставки од „социјална заштита“, „субвенции и трансфери“ до „градоначалник“ и различни називи како „финансиска поддршка“, „дотација“, „субвенција“.
Од Ценатрот за граѓански комуникации велат дека правната основа за ваквите исплати останува нејасна. Општините во своите одлуки се повикуваат на различен член од Законот за локалната самоуправа. Сепак, најчесто е повикувањето на членот 36, став 1 каде што се наведени надлежностите на Светот на општината и точката 15 – „врши и други работи утврдени со закон“.






