Призма- Демировски – Македонскиот производител на муниција недопрен од скандалите во Србија
Документ покажува дека казната за Демировски ја платил човек, кој подоцна е обвинет за учество во мрежа за шверц на кокаин
Околу шест часот наутро, на 22 јули 2024 година, на вратата на 36-годишниот инженер за оружје во Србија се слушнало тропање. Човекот, кој српските власти го идентификуваа со иницијалите М.О., во тој момент спиел во креветот со својата сопруга. И неговите две деца, исто така, спиеле.
Сопругата станала и ја отворила вратата. Тогаш внатре влетале полицајци со фантомки, придружувани од српски безбедносни агенти и го легнале М.О. на подот.
Истата ноќ биле уапсени и други двајца инженери за оружје, 64-годишниот Д.Л. и 63-годишниот Д.М. Сите тројца претходно работеле за српскиот државен производител на оружје „Крушик.“
По апсењето, тие беа обвинети дека доставувале доверливи информации за производството на 120 милиметарски гранати за минофрлачи од Крушик до македонската компанија со која соработувале – АТС Груп, која е во сопственост на Шефшет Демировски.
Ова не е првпат името на Демировски да се појави во случај за наводна индустриска шпионажа во Србија. Во 2019 година, тој беше обвинет дека поткупил поранешен вработен во српскиот производител на муниција Први партизан за да му достави доверливи спецификации во врска со машините за производство.
Апсењата, во 2024 година ја покажаа жестоката конкуренција меѓу производителите во одбранбениот сектор на Балканот, каде што Србија се гордее со една од најголемите воени индустрии и снабдува боишта ширум светот.
Како што се зголемува глобалната побарувачка за оружје и муниција од Балканот, така се зголемува и ривалството.
Дел од оваа сцена е и Демировски, за кого има малку јавно достапни информации.
Со поддршка од државата и со блиски врски со Турција, 50-годишниот бизнисмен прерасна во еден од најамбициозните приватни производители на одбранбена опрема во Македонија, произведувајќи муниција со мал калибар.
„Дај боже да имаме повеќе луѓе како Шеки во земјава“, вели поранешен владин функционер за БИРН, именувајќи го Демировски со неговиот прекар.
Наводните активности на Демировски во Србија, сепак, откриваат една понепријатна страна на неговиот успех, како и можни врски со криминалното подземје во таа земја. Демировски не одговори на прашањата испратени на неговата службена електронска адреса и преку Вибер, иако пораките на Вибер беа означени како „seen.“
Апсење во Белград
Поранешниот премиер Зоран Заев со Шефшет Демировски на отворањето на АТС Инженеринг | Фото: Влада на РСМ
Демировски поседува три фабрики во Македонија под фирмата АТС Груп.
Првата ја отворил во Скопје, во 2017 година и во неа произведува шлемови, панцирни елеци и друга лична заштитна опрема за војници и полицајци. Во 2019 година ја основал АТС Инженеринг, која произведува машини за производство на муниција, а во 2020 година ја купил фабриката за муниција од социјалистичката ера во Самоков, која сега се вика АММО АТС.
Во целиот период, тој има јавна поддршка од лидерите од целиот политички спектар во земјава, како и блиски врски со Турција.
На пример, кога во 2019 година ја отвори АТС инженеринг, тогашниот премиер Зоран Заев присуствуваше и му се заблагодари на Демировски за донацијата на полициска опрема во вредност од 50.000 евра.
Министрите Муцунски и Мисајловски на потпишување на меморандумот со МКЕ | Фото: МНР
Наследникот на Заев, Димитар Ковачевски, пак, ја посети фабриката во Самоков во 2023 година. Во март минатата година, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ги испрати министрите за надворешни работи и на одбрана, Тимчо Муцунски и Владо Мисајловски, на потпишувањето Меморандум за соработка меѓу ATS и MKE, најголемата турска државна компанија за одбранбена опрема, со која се подготвуваат планови за отворање нов погон за производство на барут.
Само два месеца по отворањето на АТС инженеринг во 2019 година, Демировски беше уапсен во Србија под сомнение за поткуп.
Целото истражување на Призма.мк






