Филипче: Глигоров има историски заслуги за независноста по мирен пат

Киро Глигоров, има историски заслуги за тоа што државата ја стекна својата независност по мирен пат, без војна, жртви и разорувања, порача претседателот на СДСМ Венко Филипче, на свеченоста по повод 35 години независност, во организација на СДСМ, „Македонија е сè што имаме“ на која премиерно беше прикажан документарниот филм „Глигоров од Македонија“, дело на Никола Т. Калајџиски и Аристид Филактов, посветен на првиот претседател на независна Македонија.
Филипче истакна дека историската улога на Глигоров, особено во еден од најтешките периоди на Балканот, сè уште не е доволно вреднувана во неговата татковина.
-Што направивме со државата што ја добивме пред 35 години по мирен пат без жртви и без разорувања, за што историски заслуги има нашиот претседател Киро Глигоров. Да имаме сопствена самостојна држава по мирен пат, по ужасните војни и крвав распад на Југославија што ги погоди сите републики, неговата заслуга сè уште и по три и пол децении не е вреднувана во неговата татковина како што е вреднувана од светот- рече Филипче.
Глигоров, посочи, припаѓаше на генерацијата македонски државотворци која учествуваа во создавањето на темелите на современата македонска државност, а потоа ја предводел земјата во процесот на осамостојување.
-Во една личност се споија две македонски епохи. Генерацијата што ја создаваше македонската државност во рамките на федерацијата и генерацијата што требаше да ја изведе Македонија од федерацијата и да ја внесе во светот како самостојна држава- истакна Филипче.
Големината на Глигоров, додаде, се гледа токму во неговата способност да ја сочува Македонија од војната која беснееше во регионот.

-Глигоров во тие пресудни години имаше нешто што политиката многу лесно го губи, а тешко го стекнува. Чувство за мерата на сопствената држава. Знаеше колку сме големи. Знаеше каде и како живееме. Знаеше кои се опасностите. И што е уште поважно, знаеше дека државничката храброст понекогаш се состои во тоа да спречиш трагедија, додека околу тебе политичките партии се натпреваруваат кој погласно ќе зборува за херојство и патриотизам- рече претседателот на СДСМ.
Потсети дека во периодот кога во регионот беснееле војни, Македонија успе да го помине најопасниот дел од распадот на Југославија без војна на својата територија.
-Мирот често изгледа лесно остварлив само откако некој мудар ќе го обезбеди- посочи Филипче, додавајќи дека обидите да се омаловажи улогата на Глигоров не се насочени само против него, туку и против историскиот чин на мирното стекнување на македонската државност.
Сите знаеме и видовме, потенцира, дека војната остава зад себе жртви, урнатини, долгогодишни страдања и сиромаштија. -Мирот остава живи луѓе кои следното утро одат на работа, деца што одат на училиште и градови што не треба повторно да се градат. Тоа е една од најголемите, а најмалку спектакуларни победи во современата македонска историја- нагласи Филипче.
Додаде дека суштината на државничката политика на Глигоров била човекот и зачувувањето на државата.
-Еден човечки живот вреди повеќе од сето тоа оружје што го однесе и употреби ЈНА. Доволно беше само еден инцидент за да експлодира тоа оружје и во Македонија, бидејќи имаше и такви идеи. Тоа беше суштината на разбирањето на Глигоров за спас на државата. Државата постои за да ги сочува луѓето- рече Филипче.
Претседателот на СДСМ се осврна и на меѓународното признавање на Македонија и приемот во Обединетите нации, оценувајќи дека Глигоров знаел да носи тешки одлуки кога тоа го барал повисокиот државен интерес.
-Глигоров ја прифати цената на компромисот затоа што го гледаше поголемиот државен интерес, меѓународната правна сигурност и опстанокот на државата- рече Филипче.
Порача дека времето сè појасно ја потврдува историската големина на првиот претседател на независна Македонија.
-Долго време Киро Глигоров беше човекот кому дел од Македонија не сакаше да му ги признае заслугите, а историјата сè појасно му ги признава. Ние денес не го браниме претседателот Глигоров. Неговите заслуги се толку големи што тој и покоен самиот се брани со своите дела- истакна Филипче.






