Работник со плата од 26.000 денари дава четвртина за билет Тетово–Скопје, граѓаните бараат реакција
Граѓани и работници кои секојдневно патуваат меѓу градовите поради работа, образование и други обврски испратија отворено писмо до медиумите, институциите и јавноста, во кое алармираат дека цените на меѓуградскиот превоз стануваат сериозен товар за семејниот буџет и бараат преиспитување на начинот на кој се формираат.
Како најсвеж пример ја посочуваат релацијата Тетово–Скопје, каде од 1 септември 2026 година месечниот билет е зголемен од 5.500 на 6.500 денари. Тоа е дополнителен трошок од 1.000 денари месечно, односно 12.000 денари годишно, а вкупно 78.000 денари годишно само за патување до работа.
Според пресметките во писмото, за работник со плата од 26.000 денари билетот од 6.500 денари значи дека една четвртина од месечната плата се троши само за превоз.
Но, Тетово не е единствениот пример.
За релацијата Куманово–Скопје месечниот билет изнесува 6.000 денари, додека за Гостивар–Скопје достигнува 8.000 денари, што е 96.000 денари годишно само за одење и враќање од работа. За плата од 26.000 денари, тоа е повеќе од 30 проценти од месечните примања.
Во писмото се отвора и прашањето зошто постојат толку големи разлики меѓу одделни релации. Како пример се споредуваат Скопје–Катланово и Тетово–Скопје.
За околу 35 километри на релацијата Скопје–Катланово месечниот билет е 1.600 денари, додека за околу 40 километри Тетово–Скопје е 6.500 денари. Разликата е 4.900 денари месечно, односно 58.800 денари годишно.
Авторите на писмото посочуваат дека клучната разлика е во постоењето јавна алтернатива. На релацијата Скопје–Катланово има јавен градски превоз, додека патниците Тетово–Скопје во најголем дел зависат од приватниот меѓуградски превоз.
Тие прашуваат и врз кои економски параметри се формираат цените, дали последните поскапувања соодветствуваат со реалното зголемување на трошоците на превозниците и која институција ја контролира нивната оправданост и законитост.
Во писмото се отвора и прашањето за различниот третман на работниците кога станува збор за трошоците за патување до работното место.
Како пример се наведуваат пратениците кои живеат надвор од Скопје. Според податоци на Радио Слободна Европа цитирани во писмото, во периодот од 28 мај 2024 до 30 јуни 2025 година на 65 пратеници им биле исплатени 18,6 милиони денари за гориво и патарини.
Авторите нагласуваат дека ова не го посочуваат за да ги напаѓаат пратениците, туку за да го отворат прашањето дали и за обичните работници постои правичен систем кој го зема предвид реалниот трошок за патување.
Дополнителен проблем, според нив, е што високите цени на превозот ги туркаат граѓаните кон преселување.
„Кога секојдневното патување станува прескапо, граѓаните се доведуваат пред избор: да плаќаат илјадници денари секој месец или да се преселат таму каде што работат или студираат“, се наведува во писмото.
Од институциите се бара да го преиспитаат последното зголемување на цените, да ги објават критериумите по кои тие се формираат, да проверат дали се почитувани законските обврски, да ја испитаат конкуренцијата на најфреквентните линии и да обезбедат функционален и достапен јавен меѓуградски превоз, вклучително и субвенционирани и семејни билети.
Бараат и системот за надомест на патните трошоци да се усогласи со реалните трошоци на работниците кои живеат надвор од местото каде што работат.
„Не бараме однапред да застанете на страната на патниците. Бараме да го поставите прашањето“, се наведува во апелот до медиумите.
Писмото завршува со порака која ја сумира суштината на нивното барање:
„Дали сакаме држава во која човек мора да се пресели во Скопје за да може да работи или студира таму? Не сакаме да се селиме. Сакаме да можеме да работиме и студираме.“






