Германските власти истражуваат нов обид за саботажа на електродистрибуциската мрежа во западниот дел на земјата

Германските власти истражуваат обид за предизвикување краток спој на трансформатор во електроразводната мрежа јужно од Дизелдорф, во западниот дел на земјата, објави весникот „Билд“.

Случајот дополнително ја зголемува загриженоста за безбедноста на критичната инфраструктура во Германија, откако оваа недела беа регистрирани уште два наводни обиди за саботажа. Полицијата во Келн потврди дека добила писмо во кое се презема одговорност и за инцидентот во Дормаген и за вандалскиот чин во трафостаница во блискиот град Бергхајм, кога при дефектот во вторникот беа исклучени електроцентрали со вкупен капацитет од 4.200 мегавати. Според „Билд“, писмото било рачно напишано од маж кој го навел својот идентитет, но сè уште не е потврдено дали тој е директниот извршител.

При другиот наводен случај на саботажа оваа недела, уреди што содржеле проводен материјал оштетиле далноводи во еден од најважните јазли на високонапонската мрежа во источната покраина Бранденбург. Денеска полицијата објави и за дополнителен случај во северниот град Гандеркезее во близина на Бремен, каде во три часот наутро била пронајдена отворена вратата од контролната просторија на трансформаторска станица. Подрачјето било пребарано со хеликоптер и полициски кучиња, а иако објектот не бил оштетен, истрагата за сите инциденти продолжува.

Овие инциденти се случуваат во пресрет на неделните избори во источната покраина Саксонија-Анхалт, каде што крајнодесничарската партија „Алтернатива за Германија“ (АфД / AfD) води во анкетите. Германското Министерство за внатрешни работи соопшти дека „не е случајно“ што ваквите хибридни напади се извршуваат пред изборите, додека портпаролот на канцеларот Фридрих Мерц изјави дека бројот на спречените или неуспешните напади е „знак дека безбедносните мерки навистина функционирале и функционираат и сега“.

Германија оваа недела се најде во центарот на европските дискусии за ранливоста на критичната инфраструктура откако Берлин ја обвини Москва за напад со дрон наполнет со експлозиви, откриен во август на аеродромот „Лајпциг/Хале“, оценајќи го како дел од хибридна војна за застрашување на поддржувачите на Украина, што Русија го отфрли како неосновано.

Back to top button
Close