Баша: Без работа останаа 100.000 луѓе, а 32.000 бизниси се затворени поради лошото владеење на Рама
Лидерот на најголемата албанска опозициска сила, Демократската партија, Љуљзим Баша обвини дека лошото владеење на премиерот Еди Рама е главниот виновник за тешката економска криза во земјата, јави дописничката на МИА од Тирана.
Во објава на Фејсбук, Баша додава дека оваа година 100.000 албански граѓани останале без работа, а 32.000 бизниси ставиле клуч на врата.
Тој ја цитира и Светска банка, според која шест од 10 регистрирани бизниси не остваруваат никаква добивка по укинувањето на мерките воведени поради пандемијата со Ковид-19, „што е предупредување дека ќе има уште затворања на бизниси и губење работни места“.
-Оваа длабока економска криза не се решава со пропаганда и заморени централно режирани претстави, туку со итна интервенција. Но, тоа не може да го стори оној кој за седум години ги зголеми даноците и цените и ги украде и злоупотреби парите на Албанците со неколку олигарси, преку јавно приватно партнерство (ЈПП), концесии и коруптивни тендери, наведува Баша.
Тој посочува дека на земјата и требаат промени, „нов дух и нов економски модел што може да се постигне само преку поинаква влада“.
-Со нашиот економски план ќе ги намалиме даноците, рамниот данок ќе биде девет проценти, ќе дадеме поддршка за малиот бизнис, мораториум за инспекторатите и даночниците и другите мерки, ќе го ослободиме бизнисот од вознемиреност и ќе создадеме можности за секој Албанец да работи и живее достоинствено во неговото место, вети Баша.
Инаку, здружението на мали и средни бизниси, но и самиот премиер на почетокот на јули потврдија дека поради пандемијата со Ковид-19 за пет месеци, без работа останале најмалку 70.000 лица.