Ангелов за пожарот кај Градско: „Некој намерно го пали ова место

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, вечерва изјави дека пожарот во планинскиот дел над селото Ногаевци, во Општина Градско, е тежок шумски пожар, кој делумно се движи низ борова шума.

Ангелов соопшти дека поради обидот да се намали пожарот биле пренасочени два авиони „Ер трактор“, кои дејствувале на теренот. Во гаснењето учествуваат и пожарникари од Велес, како и тимови на Дирекцијата за заштита и спасување со „пинсгауери“.

Тој им се заблагодари на пилотите на „Ер тракторите“, велешките пожарникари и тимовите на ДЗС за нивната интервенција.

Ангелов во изјавата посочи дека пред да пристигне на местото, разговарал со неколку жители на Ногаевци, кои му кажале дека во изминатите неколку дена пожарот наводно бил предизвикуван во неколку наврати.

„Некој свесно, намерно го пали ова место, само од нему познати мотиви, но повеќе од сигурно мотивите се криминални, односно користољубие“, рече Ангелов.

Тој додаде дека со предизвикувањето на пожарите, освен природата, се загрозуваат и животите на пожарникарите, огнените тимови и жителите на околните села.

Според Ангелов, МВР работи на откривање на сторителите, а во текот на летото повеќе лица, осомничени за предизвикување пожари, се соочиле со кривични пријави.

„Апелирам до граѓаните да бидат внимателни и доколку забележат сомнително однесување, истото да го пријават“, порача Ангелов

Back to top button
Close