Пожарот кај Грачани е ставен под делумна контрола, вечерва гори и кај селата Ногаевци и Матејче, вели Ангелов
Пожарот кај селата Грачани и Никиштани во Општина Ѓорче Петров, а кој од косовска страна се спушти на наша територија вдолж реката Лепенец, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, вели дека е ставен под делумна контрола, и се очекува утре да биде ставен под целосна контрола или да биде изгаснат.

„Но, ако ветрот е неповолен најверојатно и вечерва скопјани, или дел од нив ќе чуствуваат непријатен мирис којшто доаѓа од чадот од овој пожар“рече Ангелов.
Тој им укажа на скопјани кога ќе го почувствуваат овој мирис да помислат на пожарникарите и сите останати коишто учествуваат во гасење на овој пожар и коишто чадот го чувствуваат од непосредна близина.
Ангелов вечерва информираше и дека велешките пожарникари го ставиле под контрола пожарот во околината на селото Ногаевци. Директорот изрази сомневање дека е намерно запален и рече дека полицијата ќе го истражува случајот. Ангелов во вечерашната изјава кажа дека овие свои сомнежи ги темели на искази на локалното население.
„Неколку локални жители од село Ногаевци ме известија дека последните неколку дена во неколку наврати пожарот бил пален. Некој намерно го пали ова место само од нему познати мотиви, но повеќе од сигурно мотивите се криминални, односно користољубие. Некој за да на некој начин заработи пари ја пали оваа прекрасна шума и околината, притоа ризикувајќи го животот на пожарникарите“вели Ангелов.
Тој вели дека врз овој пожар освен велешките пожарникари и локалното население, интервенирале и двата „ертрактори“ кои еднаш фрлиле вода врз едно критично место, како што побарал командирот на велешката противпожарна единица.
Тоа, како што објасни Ангелов, им овозможило влез во боровата шума на велешките пожникари изложувајќи се на одреден ризик.
„Пожарот сега е под контрола. Селото Ногаевци е безбедно. Жителите можат мирно да спијат. Рано наутро ќе продолжи деталното гаснење на овој пожар, бидејќи останаа повеќе огнени точки за коишто се надеваме дека се внатре во изгорениот простор“,изјави Ангелов додавајќи дека нема повредени пожарникари.
Освен огнената стихија кај Ногаевци, Ангелов вели исклучително тежок пожар има и во месноста Рамно на Скопска Црна Гора, каде гаснат скопските пожарникари и луѓе од Национални шуми.
Пожар има и во атарот на кумановското село Матејче, којшто се движи кон манастирот во селото, за кој Ангелов се надева дека кумановските пожарникари во текот на ноќта ќе го стават барем под делумна контрола.





