Ангелов: Три „ертрактори“ дејствуваат во гаснење на пожарот што навлегува во „Јасен“

Сите три „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување дејствуваат врз пожарот кој од страната на Македонски Брод навлегува кон територијата на ловиштето „Јасен“, информира во попладневната изјава директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Воздухопловите им помагаат на екипите од ловиштето кои се обидуваат да го сопрат огнот. Според Ангелов, огнот во моментов не претставува голем ризик, но постои опасност доколку навлезе во боровата шума.
„Засега огнот не е толку ризичен, но доколку навлезе во боровата шума може да ни се повтори она што се случуваше во минатото“,вели тој.
Директорот вели дека ќе ја прекинат огнената линија во насока на селото Белица или рибникот.
„Сè уште имаме големо горење, но јас сум оптимист дека пожарот овој пат нема да влезе во ловиштето ‘Јасен’, бидејќи удираме на него со сите сили“,рече тој.ј.
Освен овој пожар, тој рече дека сè уште е активен и огнот кај местото викано Рамно во селото Брест во Општина Чучер-Сандево на Скопска Црна Гора. Според него, скопјани денеска не го чувствуваат мирисот на чад од овој пожар, а ветрот засега не прави дополнителни проблеми.
Активен е и пожарот на границата меѓу општините Струга и Дебар, во атарот на селото Селци, каде што интервенираат струшките пожарникари. За овој терен за рано наутро е најавено испраќање дополнителни екипи бидејќи огнот сè уште не е ставен под целосна контрола.
Ангелов вели дека во попладневните часови се регистрирани повеќе од 20 нови активни пожари и упати благодарност до сите пожарникари и сите ангажирани екипи кои даваат максимални напори во справувањето со огнената стихија.
Директорот повторно апелираше до граѓаните за зголемена претпазливост предупредувајќи дека пред нас се неколку тешки дена и дека најавените врнежи од дожд најверојатно ќе доцнат.
„Доволна е само една искра за да предизвика вистинска катастрофа“,






