Гаши: Државноста не е само еден акт, туку секојдневна изградба на ефикасни институции и доверба


Државноста не се постигнува само со еден политички акт, со референдум или со прогласување независност, туку таа е процес кој се гради секој ден со институции, закони, правда, економија и доверба, порача претседателот на Собранието, Африм Гаши, на приемот во законодавниот дом по повод 8 Септември – Денот на независноста.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на приемот во законодавниот дом по повод 8 Септември – Денот на независноста / Фото: Сектор за комуникации и односи со јавноста во Собранието

Истакнувајќи ја 35-годишнината од независноста, Гаши потсети дека одлуката од 1991 година е дојдена во исклучително тешко и деликатно време на распад на Југославија и големи геополитички промени.

„Затоа, без оглед на тоа на кој политички табор му припаѓале и дали се согласуваме со сите политички одлуки на таа генерација, не можеме да не го признаеме и вреднуваме фактот дека Македонија стана независна и суверена на мирен начин, нешто што не се случи со другите републики кои се одвоија од поранешна Југославија“,изјави Гаши.

Тој посочи дека изминатите децении донеле многубројни предизвици, кризи, економски транзиции и заминување на голем број граѓани, но нагласи дека јубилејот треба да се гледа низ она што е успешно изградено. Според него, етничката, јазичната, верската и културната разновидност на Северна Македонија не се пречка, туку реалност која треба да се претвори во извор на успех.

Говорејќи за државата на иднината, претседателот на Собранието истакна дека фокусот мора да биде ставен врз функционални институции, каде што администрацијата е во служба на граѓаните, законите важат еднакво за сите, корупцијата се сузбива, а заедничката цел е европската перспектива.

„Можеме да имаме различни јазици, култури, традиции и политички убедувања, но имаме само една заедничка држава“,додаде тој.

И тука, според Гаши, Собранието има посебна одговорност, затоа што Собранието е местото каде што општеството се отсликува и се претставува преку своите институции.

„Ние знаеме дека во секое плуралистичко собрание парламентарната дебата е неопходна, несогласувањето е нормално и секако и критиката е потребна, но над секоја политичка разлика треба да постои една поголема одговорност – одговорноста кон државата и кон граѓаните. Можеби нема да се согласуваме за начинот на кој треба да постигнеме одредена цел, но мора да бидеме способни да се согласиме за тоа кои се основните државни цели“,изјави Гаши.

Гаши, исто така, порача дека треба да создадеме услови младите да не го гледаат заминувањето од земјата како единствена можност за подобар живот, потоа да се промени и нашиот однос кон дијаспората, како и заштитата и афирмација на традиционалното семејство.

„Не можеме да изградиме силна држава ако секоја година губиме дел од младата генерација. Но, демографската политика не треба да се гледа само преку наталитетот. Таа треба да биде поврзана со квалитетот на животот, со вработувањето, со квалитетното образование и здравство, со правдата, но и со животната средина и можностите за домување. Младите треба да веруваат дека и овде можат да изградат добар живот. Ако сакаме младите да останат овде, постојано треба да создаваме причини и можности за нив. Ова е патриотизмот што се очекува од нас“,кажа тој.

Back to top button
Close