Илјадници граѓани, српски министри и синот на Вучиќ присуствуваа на погребот на хашкиот осуденик Ратко Младиќ во Белград

Ратко Младиќ, поранешниот командант на Војската на Република Српска, кој почина во Хаг додека отслужуваше доживотна казна затвор за геноцид и воени злосторства, беше погребан денес на гробиштата Топчидер во Белград.
Погребот го водеше српскиот патријарх Порфириј во сослужение на епископот на Српската православна црква (СПЦ), по што поворката се упати кон гробиштата Топчидер.
Неколку илјади граѓани се собраа денес пред црквата „Свети Лука“ во белградската населба Видиковац за да му оддадат почит на Младиќ.
Српскиот медиум Н1 пишува дека меѓу оние што биле да му оддадат почит на Младиќ се министри од српската влада, лидерот на владејачката коалиција во Република Српска, Милорад Додик, синот на претседателот на Србија, Данило Вучиќ, рускиот амбасадор Александар Боцан-Харченко.
Поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, беше осуден во 2017 година пред Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, на доживотна казна затвор за геноцид и злосторства против човештвото за време на војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година. Покрај Младиќ, и поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, беше осуден на доживотен затвор за геноцидот во Сребреница, а беа изречени и уште три доживотни казни.
Судењето на Младиќ започна на 16 мај 2012 година, а презентирањето на доказите траеше повеќе од четири години.
Судскиот совет заседаваше 530 дена, беа презентирани сведоштва на 592 сведоци и речиси 10 000 доказни материјали.
Ратко Младиќ почина на 27 август, на 84-годишна возраст, во затворска болница во Хаг.






